Ангел Господов: Власта е скромна служба и кој ја има нека им понуди надеж и помош на другите

Ангел Господов: Власта е скромна служба и кој ја има нека им понуди надеж и помош на другите

Исус ги повикува оние кои се на власт да гледаат на другите од сопствената позиција на моќ и власт, не за да ги понижат, туку да им помогнат да станат, давајќи им надеж и помош, истакна папата Фрањо, во недела 10 ноември 2024 година, обраќајќи се пред молитвата Ангел Господов, Се задржа на Евангелието наменето за неделната литургија во кое Исус зборува во ерусалимскиот храм пред народот и го осудува лицемерниот однос на некои книжници.

На книжниците, истакна Светиот Отец, им беше доверена важна улога во израелската заедница: го читаа, препишуваа и толкуваа Светото Писмо. Затоа, беа високо ценети и луѓето им искажуваа почит. Меѓутоа, однадвор, нивното однесување често не се совпаѓаше со она што го учеа. Не беа доследни. Некои, имено, силни во угледот и моќта што ги уживаа, ги гледаа другите со презир, се истакнуваа себеси и, криејќи се зад фасадата на лажна почит и легализам, си присвојуваа привилегии и одеа дотаму што правеле вистински кражби на штета на најслабите, како што се вдовиците, рече Папата.

Наместо да ја искористат својата улога за да им служат на другите, тие ја претворија во средство за фалење и манипулација. Некои од нив ги гледаа другите со презир. Постоеше опасност самата молитва за нив да не биде повеќе момент на средба со Господ, туку можност за истакнување на фингирана чесност и лажна побожност, корисни за привлекување на вниманието на луѓето и постигнување консензус.

Некои од нив, додаде Папата, се однесуваа како расипани луѓе, зајакнувајќи го социјалниот и верскиот систем во кој е нормално да се искористуваат другите, особено најранливите, правејќи неправди и обезбедувајќи неказнивост.

Исус им препорачува на своите слушатели да се држат настрана од овие луѓе, „да се чуваат од нив“ и да не се водат од нивниот пример. Освен тоа, со својот збор и со својот пример, како што знаеме, тој учи многу поинаку за авторитетот. За ова зборува во смисла на самопожртвуваност и скромно служење, мајчинска и татковска нежност кон луѓето, особено кон оние на кои им е потребна. Ги повикува оние кои се на власт да ги погледнат другите, од сопствената позиција на моќ и власт, не за да ги понижуваат, туку да им помогнат да станат, давајќи им надеж и помош.

Можеме, додаде Светиот Отец, да се запрашаме: како да се однесувам во моите области на одговорност? Дали сум понизен или поради својата позиција сум со дигната глава? Дали сум дарежлив и ги почитувам луѓето или ги третирам на груб и авторитарен начин? А оние најкревките, како да се однесувам кон нив? Дали сум блиску до нив, дали знам да се наведнам за да им помогнам да станат?

На крајот, Папата побара застапништво од Пресвета Богородица во борбата против лицемерието, молејќи од неа да помогне на сите да прават добро незабележливо и во едноставност.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот