Ангел Господов: Великиот пост, пат осветлен со светлина. Да направиме место за тишина и слушање

Ангел Господов: Великиот пост, пат осветлен со светлина. Да направиме место за тишина и слушање

Во пладневниот наговор на Првата недела од Великиот пост, во недела, 22 февруари 2026 година, папата Лав XIV зборуваше за начинот на кој Исус ги надвладеал сатанските искушенија, како и за покајанието како пат што не ја осиромашува нашата човечност, туку ја збогатува, ја прочистува и ја зајакнува. Потоа ги поттикна верниците на кратко да ги исклучат телевизорите, радијата и паметните телефони. Богатството, славата и моќта, додаде тој, се само бедни замени за радоста за која сме создадени и на крајот неизбежно нè оставаат вечно незадоволни, немирни и празни.

Пустината, сатанските искушенија и водството на Светиот Дух, кој не ги штеди тешкотиите на човечката состојба, туку нуди пат за спротивставување на измамите и стапиците, се главните точки од четириесетте дена тешки искушенија што ги искусил Исус. Тие теми се присутни во Литургијата на Првата недела од Великиот пост и беа појдовна точка за катехезата на папата Лав XIV, кој кратко пред молитвата „Ангел Господов“ се врати во Ватикан по пасторалната посета на римската парохија „Пресвето Срце Исусово“.

Зборувајќи за значењето на патот што води кон Велигден, Папата нагласи дека тој е „пат осветлен со светлина“. Веќе во проповедта на светата Литургија, служена со заедницата што ја водат салезијанците, ја истакна драмата предизвикана од Сатаната, кој постојано ѝ се заканува на човечката слобода. Сепак, поздравувајќи ги верниците што го пречекаа, тој напомена дека ова силно време е и време на радост, затоа што сите знаеме дека Господ сака да нè прими.

Покајание за да процвета животот

Папата посочи дека токму животот е во средиштето, и кога се зборува за тешкотиите со кои се соочувал Исус, и кога тие се поврзуваат со денешните христијани. Покајанието што го поучува Евангелието не е цел само по себе, туку пат кон полнотата на радоста. Тоа не е само средство што нè прави свесни за нашите ограничувања, туку можност да ги надминеме.

Со тоа Слово на животот, Литургијата нè повикува на Великиот пост да гледаме како на пат осветлен со светлина, по кој преку молитва, пост и милостиња можеме да ја обновиме соработката со Господ во создавањето на единственото ремек-дело на нашиот живот. Да Му дозволиме да ги отстрани дамките и да ги исцели раните што гревот можеби ни ги нанел, и да се зафатиме така што нашиот живот да процвета во целата своја убавина, сè до полнотата на љубовта, единствениот извор на вистинска среќа, рече папата Лав XIV.

Богатство, слава, моќ: замени за радоста

Папата потоа го цитираше свети Павле VI, кој нагласувал дека покајанието не само што не ја осиромашува нашата човечност, туку ја збогатува, ја прочистува и ја зајакнува. Свесен за обесхрабрувањето што може да ја придружува борбата со злото, како и за привлечноста на помалку тешките патишта на исполнување, папата Лав предупреди на заблудата на богатството, славата и моќта, и објасни:

Тие, како што беа и Исусовите искушенија, се само бедни замени за радоста за која сме создадени и кои, на крајот, неизбежно нè оставаат вечно незадоволни, немирни и празни.

Да ги исклучиме на кратко телевизорите, радијата и паметните телефони

На крајот, повторно повикувајќи се на свети Августин, Папата ги поттикна верниците да се зајакнуваат од изворот на молитвата и делата на милосрдието. Во време кога тишината станува сè поретка, тој повика да ја пронајдеме и да ја прошириме преку конкретно откажување:

Да направиме место за тишина и на кратко да ги исклучиме телевизорите, радијата и паметните телефони. Да размислуваме над Божјото Слово и да пристапуваме кон Светите Тајни. Да го слушаме гласот на Светиот Дух што ни зборува во срцето и да се слушаме меѓусебно, во семејствата, на работните места и во нашите заедници. Да им посветиме време на оние што се сами, особено на постарите, сиромашните и болните. Да се откажеме од излишното и да го споделиме она што ќе го заштедиме со оние што немаат ни најнеопходното.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот