Американските монахињи: Папата ја споделува нашата загриженост за тешката положба на имигрантите
По средбата со папата Лав XIV, Претседателството на Конференцијата на поглаварките на женските монашки заедници разговара со Vatican News за состојбата на имигрантите во Соединетите Американски Држави, за синодалноста и за вклучувањето на жените во Црквата.
Додека Соединетите Американски Држави се соочуваат со поларизација и тензии околу општествени и политички прашања, Црквата во земјата настојува да биде глас на мирот и складот.
Едно здружение што се обидува да ги препознае и да одговори на знаците на времето е Конференцијата на поглаварките на женските монашки заедници (LCWR).
Со околу 30.000 членки, таа ги обединува поглаварките на католичките женски монашки конгрегации и е насочена да им помага во извршувањето на нивната служба за Евангелието и да ѝ помогне на Црквата да одговори на промените што го засегаат општеството.
Во четврток, на 26 март 2026 година, папата Лав XIV се сретна со Претседателството на Конференцијата на поглаварките на женските монашки заедници за време на нивното годишно патување во Рим и Ватикан. Меѓу темите за кои станало збор била и состојбата низ која минува неговата татковина во овој момент.
Кога Папата „ од срце ја слушаше нашата приказна, за тоа колку е болно сега во Соединетите Држави во однос на третманот на човечките суштества, дури и без разлика дали станува збор за американски државјани, едноставно за човечки суштества, можев да ја видам болката на неговото лице“, изјави за Vatican News сестра Керол Зин, од Сестрите на свети Јосиф и извршна директорка на LCWR.
На средбата со Папата присуствуваа и трите сестри што го сочинуваат Претседателството на LCWR: претседателката, сестра Вики Ларсон од Сестрите на Принесувањето, избраната претседателка, сестра Дебра Скијано од Школските сестри на Нотр Дам, и поранешната претседателка, сестра Кети Бразда од Сестрите на свети Јосиф.
Евангелието повикува да се прифати странецот
Во изминатата година тензиите во Соединетите Држави силно се зголемија поради заострените мерки во областа на имиграцијата под сегашната владина администрација, а состојбата достигна точка на зовривање во јануари 2026 година, кога агенти на Службата за имиграција и царинска контрола на САД (ICE) смртно застрелаа двајца американски државјани.
Во ноември 2025 година, Конференцијата на католичките бискупи на САД ја истакна својата загриженост поради третманот на имигрантите во земјата. Истиот месец, папата Лав ја изрази својата поддршка за нивната изјава и повика мигрантите да бидат третирани со човечко достоинство и почит.
LCWR и Папата несомнено имаат „заедничка загриженост за тешката положба на имигрантите и за евангелскиот повик да се прими странецот“, изјави за Vatican News сестра Вики Ларсон.
Сестра Зин објасни дека монашките членки на LCWR „прават сè што можат за да помогнат на терен“, обезбедувајќи им на луѓето основни потреби како храна за бебиња или обувки, или пак придружувајќи ги на суд.
„Работиме и на ниво на застапување пред федералната власт, така што сме присутни во двата света“, продолжи таа, истакнувајќи дека Папата им се заблагодарил за нивната работа.
Поттикнување слушање и односи за надминување на поларизацијата
Сестра Зин нагласи дека работата на LCWR во овој момент е насочена кон „преобразување на свеста“, поставувајќи го прашањето: „Како да го преобразиме начинот на кој размислуваме едни за други, а потоа и зборовите што ги употребуваме кога разговараме меѓусебно?“
„Прашањето на поларизацијата е многу актуелно, и во Соединетите Држави и на други места, а во Соединетите Држави особено силно се чувствува“, продолжи таа. „Постои склоност да се оттурне другиот, речиси секој, и да се создаваат табори.“
Поради тоа, голем дел од работата на оваа организација во последно време е насочен кон градење односи што ќе ѝ се спротивстават на поларизацијата на човечко ниво. „Се обидуваме и самите да ги научиме тие вештини, а потоа да ги повикаме и другите, нашите соработници во службата, управните одбори на нашите служби, каде што сите се лаици, да влезат во овој вид процес на учење“, објасни сестра Зин.
„Една од работите што треба да ги правиме за да работиме за правдата е да работиме на односите и да градиме мостови, за луѓето да се разбираат меѓусебно и да можат да соработуваат“, додаде сестра Ларсон.
Нивниот напор се храни и од фактот што тие се монахињи, зашто „посветениот живот навистина е изграден околу тој поим на расудување и заедничко слушање“, рече сестра Ларсон.
Напорите да им се помогне на луѓето подобро да се разбираат меѓусебно се надоврзуваат и „на она на што папата Фрањо нè повика сите, кога ја свика Синодата за синодалност“, забележа таа. „Мислам дека тој навистина ни подари повик да погледнеме на начинот на кој заедно сме Црква, и како комуницираме и споделуваме мудрост.“
Жените и водството во Црквата
Двете водачки на LCWR нагласија дека синодалноста е длабоко вкоренета во многу од нивните организациски структури, велејќи дека сестрите се собираат заедно за да расудуваат како да одговорат на потребите на времето.
Тие исто така истакнаа дека во синодалниот процес учествувале „илјада проценти“, испраќајќи свои согледувања што придонеле за двете сесии на 16. Редовно генерално собрание на Синодата на бискупите, одржани во октомври 2023 и 2024 година.
Дополнително, двете монахињи објаснија дека со големо задоволство го прочитале став 60 од Завршниот документ на Синодата, во кој се истакнува учеството на жените во Црквата и се нагласува дека нема причина жените да не извршуваат водечки служби.
Тие, исто така, ја изразија својата благодарност за завршниот извештај на една од студиските групи на Синодата, која се занимавала со учеството и водството на жените во Црквата.
„Ме радува што оваа тема се става на маса, за да не може повторно да исчезне“, рече сестра Зин. „Ме радува и тоа што изгледа дека се појавува одредено разбирање дека целото ова прашање за улогата на жените во водството во Црквата е прашање на култура.“
„Разговорите низ светот, а секако и во Соединетите Држави, навистина треба да започнат токму на културно ниво“, рече таа.
На крајот, сестра Зин го истакна фактот дека и папата Фрањо и папата Лав XIV поставиле жени на водечки места во Црквата, велејќи дека тоа ја покажува нивната определба да ја променат оваа култура во однос на улогата на жените.
Ватикан њуз/к.мк

