Азиските муслимани не го признаваат калифатот на Исламската држава Ирак и Левант

Додека радикалните исламисти во Мосул ги рушат светилиштата, разни достоинственици од муслиманскиот свет во Азија го отфрлаат калифатот што го прогласи самопрогласената Исламска држава Ирак и Левант или како некои ја нарекуваат Исламска држава Ирак и Сирија. Џамијата на пророкот Јона во Мосул на 25 јули е срамнета со земја, пренесува агенцијата Сир, објаснувајќи дека терористите на Исламската држава ја сметале џамијата за симбол на градот како „место на одметништво, а не на молитва“, бидејќи ја посетуваат и муслиманите и христијаните.

По прогонувањето на сите лица што се наоѓале во џамијата, терористите во воздух го кренале минарето од џамијата.. Прекрасната џамија, некогаш христијанска црква, била подигната на ридот Каење (Al Tauba), во источниот дел на Мосул и била посветена на пророкот Јона, каде според преданието, пророкот бил погребан, затоа за муслиманите и за христијаните тоа место било поклоненичко место, пренесува Ватикан Инсајдер.

Додека муслиманските високи достоинственици, научници и интелектуалци од азиските земји ја отфрлаат идејата за калифат, терористите на Исламската држава на Ирак и Сирија на 29 јуни, еден дел од Ирак и Сирија го прогласија за калифат на чие чело стои Абу Бакр ал Багдади.

Видливо е од едно соопштение пристигнато до агенцијатаФидес дека муслиманите од Азија го сметаат основањето на калифатот за „развратно кршење на основните исламски правила“. Војната помеѓу групите кои поради економски богатства сакаат да завладеат со друга земја е спротивно на начелата на исламот и претставува многу тешко злосторство, тврди Асад Кан Фалаи, главен имам на џамијата во Њу Делхи. Не може да се убиваат луѓе и да се уништува туѓа сопственост сметајќи го тоа за света војна (џихад), ниту резултатот од тие злосторства може да се прогласи за калифат, објаснува Асад Кан Фелаи.

Во Индија, каде има 130 милиони муслимани, исламскиот интелектуалец Маулана Вахидудин Кан истакнува дека оној што се прогласува за Калиф ги прекршува и изневерува основните начела на исламот. Сиед Јајалудин Умари, претседател на една индиска муслиманска организација (Jammat e Islami Hind) смета, исто така дека изборот на калиф на Исламската држава Ирак и Левант ги прекршува сите исламски правила. Освен тоа, го осудуваме насилството во Ирак и насекаде во светот направено во име на исламот. Во Бангладеш, вели Кази Нурул Ислам, професор по религија и култура на универзитетот во Дака, дека „калифот не е реалистична хипотеза“, а муслиманскиот интелектуалец Мисбахур Раман Чоњшури потсетува дека „Исламот признава демократија: нема повеќе место за некаков калифат“.

Во Индонезија, држава со најмногу муслимани во светот, една од многу влијателните исламски организации во земјата Надлатул Улама (Nahdlatul Ulama) го осуди однесувањето на Исламската држава Ирак и Левант. Организацијата ги почитува Божјите заповеди, не прифаќа никаков калифат, а калифатот на Исламската држава на Ирак и Левант ги смета за лажен, изјави Малик Мадани, угледен член на таа организација.

Уште една многу реномирана исламска организација во Индонезија Мухамадијах (Muhammaddiyah) го осудува „тоа што Исламската држава на Ирак и Левант, поттикнува насилство и судир во политичките стварности“, истакна главниот секретар Абдул Мути. Ако сме вистински муслимани, мораме да ја отфрлиме Исламската држава бидејќи исламот нема ништо со тоа.

Еден, пак, угледен муслиман од предградието на Џакарта изјави дека неговата заедница ги отфрли повиците на Исламската држава за нови борци од Југоисточна Азија, а во Малезија исламскиот водач Абдул Маис Бахри рече дека не гледа ниту една причина поради која некој муслиман би требало да ја подржи Исламската држава на Ирак и Левант, „бидејќи се имаат здружено со Ал Каеда, убиваат човечки животи и проливаат невина крв“. Сите, значи, сметаат дека е потребно Азија да го шири убедувањето дека исламската држава на Ирак и Левант не го следи исламот и дека нема ништо полошо да се гледа како муслиманите се убиваат меѓусебно.

Азискиот ислам, кој е надвор од арапскиот свет, бројно е многу важен. Во арапските земји живеат околу 300 милиони верници, додека во Азија живеат повеќе од 690 милиони. Исламот, благодарејќи на арапските трговци, се приближил на локалните култури, мирно пристигнал во многу азиски краеви и се вклучил во локалните култури на мирољубив, отворен и поднослив начин, пренесува Ватикан Инсјадер.

РВ/В.Н.

Категорија: Свет

За авторот