Одете и посетете некој кој е симбол за Исусовите рани.
Од Исусовите рани произлегува мир, радост и апостолско послание – рече папата Фрањо во недела 28 април 2019 година пред молитвата Царице небесна, осврнувајќи се на литургиското евангелие кое зборува како Исус вечерта, на денот на воскресението, се јави на своите ученици во салата на Последната вечера, донесувајќи им три дара: мир, радост и апостолско послание (сп. Иван 20,19-31). Првите Исусови зборови биле: „Мир вам!“ (Иван 20,21). Воскреснатиот Господ донесува вистински мир, затоа што со својата жртва на крстот оствари помирување помеѓу Бог и човештвото и ги победи гревот и смртта.
Најпрво на неговите ученици им бил потребен тој мир, затоа што откако беше фатен и осуден на смрт тие биле вознемирени и во страв – рече Папата и потсети: Исус се јави жив меѓу нив, покажувајќи ги своите рани во славното тело, како плод на својата победа им дарува мир. Но таа вечер апостол Тома не беше присутен. Го известиле за тој извонреден настан, но не верувал на сведоштвата на другите, туку сметал дека за она што другите известувале, треба лично да провери.
Осум дена покасно, односно токму како денес, Исус повторно се јави – рече Светиот Отец и продолжи: Дојде и го пресретна неверството на Тома, повикувајќи го да ги допре Неговите рани. Тие се извор на мир, затоа што се знак на неизмерната Исусова љубов, која ги победи непријателските сили на човекот, односно гревот и смртта. Го повика да ги допре Неговите рани. Тоа е поука за нас, Исус како да ни вели на сите нас: „Ако не сте во мир, допрете ги моите рани“. Треба да се допрат Исусовите рани, кои се бројните проблеми, тешкотии, прогонства и болести на многу луѓе кои страдаат.
Не сте во мир? Одете и посетете некој кој е симбол за Исусовите рани. Допрете ги Исусовите рани – рече папата Фрањо и истакна: Од тие рани произлегува милосрдието. Посебно затоа што денес е недела на Божјото милосрдие. Сите имаме потреба од милосрдие, тоа го знаеме. Да му се приближиме на Исус и да ги допреме Неговите рани во своите браќа кои страдаат. Исусовите рани се богатство, од нив произлегува милосрдие. Да бидеме храбри и да ги допреме Исусовите рани. Со тие рани Тој стои пред Отецот, ги покажува на Отецот, како да вели: „Оче, тоа е цената, тоа се раните, она што го платив за своите браќа.“ За нашите рани Исус посредува кај Отецот. Ни дава милосрдие ако му се приближиме и се застапува за нас. Да не ги заборавиме Исусовите рани.
Втор дар кој Воскреснатиот Исус го донесе на учениците е радоста – рече Папата и потсети: Евангелистот известува: „Се зарадуваа тогаш учениците, штом Го видоа Господа“ (Иван 20,20). Меѓутоа има и еден дел во Евангелието според Лука кој вели дека не можеле да поверуваат од радост. Кога ќе ни се случи нешто неверојатно, убаво и ние велиме: Не можам да верувам, тоа не е вистина! Така било и со учениците, од радост не можеле да поверуваат. Тоа е радоста која ни ја донесува Исус.
Ако сте тажни, ако не сте во мир, гледајте го распнатиот Исус, гледајте го воскреснатиот Исус, гледајте ги Неговите рани и примете ја таа радост – рече Светиот Отец и додаде: Освен мир и радост, Исус на учениците им донесе и послание како дар. Им вели: „ Како што Ме прати Отецот, така и Јас ве праќам” (Иван 20,21) Исусовото воскресение е почеток на нова динамика на љубов која е способна со присутноста на Светиот Дух да го преобрази светот.
На оваа воскресна недела сме повикани со вера да му се приближиме на Христос, отворајќи го своето срце за мир, радост и послание. Но да не ги заборавиме Исусовите рани, затоа што од нив произлегува мир, радост и сила за посланието. Оваа молитва да ја довериме на мајчинското застапништво на Блажена Девица Марија, царица на небото и земјата – рече на крајот папата Фрањо.
Ватикан њуз/к.мк