Христос се роди од Дева

Христос се роди од Дева

 

Христос се роди од Дева! Колку ли само чудно звучат овие древни зборови, посебно за оние кои не го познаваат Бога. Тие зборови, како и во самите почетоци, кога се исполниле, во минатато, така и денес за многумина се несфатливи и неразбирливи. И секако легално е да се поставуваат прашања и да се бараат одговори…Како може Некој да се роди од Дева? Зошто раѓање на Некое Дете во Витлеем треба и на мене денес да ми донесе радост? Во духот на денешниот менталитет е и прашањето: Каква корист имам јас од тоа?

Она што е парадокс на денешницата и покрај сите овие и други прашања што Божиќ покрај верниците го слават и оние кои не само што не веруваат во Христа, туку и свесно го отфрлаат. Но и покрај тоа што не се свесни за дарот, сепак и нив ги опфаќа Неговата љубов и добиваат удел од љубовта и радоста што Тој ја носи во животите на луѓето.

Господ го остава Своето сонце да грее над лошите и над добрите, па така и Неговото раѓање е за сите луѓе без разлика дали Го познаваат или не. Дарот на љубовта им се нуди на сите и има сила да ги менува срцата.

И покрај тоа што Божиќ можеби е премногу комерцијализиран, и покрај тоа што сака да се сокрие, фрли на маргините или потполно да исчезне Оној за кого се слави, можеби и гледаме премалку христијански знаци во славењето на Божиќ, сепак и таквото празнување е знак и потсетник дека нешто посебно се случило, се случува и понатаму ќе се случува. Тоа ни дава до знаење, дури и ако не сакаме да го препознаеме, прифатиме и признаеме за наш Господ, сепак нашиот свет е жив и живее со присуството на Оној кој дојде, Оној кој е со нас и Оној кој одново доаѓа во нашите срца секој Божиќ.

Ниту еден одговор нема да е доволен, сѐ додека не застанеш пред божиќната пештера и не потонеш во длабоко размислување за таа голема тајна на љубовта. Сѐ додека го затвораш срцето свое нема да можеш да го запознаеш Бога.

Преку витлеемското раѓање ние го запознаваме Бога на многу поинаков начин. Не како недостапен и далечен Бог, туку Бог кој ни ја нуди Својата близина во нашиот живот и ни дава можност да го запознаеме, како Син Божји кој стана Човек за да можеме ние да станеме Негови синови, Божји синови. Божиќ е потсетник дека не сме сами во нашите борби, секој агол од земјата се осветува со Неговото раѓање и тој е тука за нам да ни помогне во нашите неволји. И тоа е големата радост. Зарем може да очекуваме подобра вест од оваа?

Да се потсетиме дека со раѓањето на Господ Исус Бог ја помирува земјата со небото, го допира од грев ранетото човештво и го зема врз себе. Богомладенецот на секое човечко срце ја зацврстува надежта среде очајот и немирот во светот, дарува храброст среде стравот, ја усовршува љубовта среде омразата и ја умножува верата среде сомнежите.

Божиќ, сакале или не, му припаѓа на Него, на Исус,, кој нѐ сака и кој дојде за нас.

Бидете благословени и овој Божиќ. Христос се роди – славете Го!

 

Категорија: Колумни

За авторот