Материјалната штета од конфликтот во Сирија изнесува околу 400 милијарди долари, но непроценлива е загубата на човечките животи и страдањето кое го предизвика граѓанската војна започната пред речиси седум години.
Сепак и покрај раните од трагедијата која како да нема крај, христијанските заедници, помалку насекаде, радосно го слават Божиќ – тоа е сведоштвото на кардинал Марио Зенари апостолски нунциј во Дамаск, кој осврнувајќи се на секојдневната драма на населението, ја истакна надежта на тој народ. Божиќ секогаш е убав празник за семејството, за децата. Овие денови во сите парохии се пееја божиќни песни, корали, се одржуваа претстави… би кажал дека расположението е многу празнично – рече апостолскиот нунциј.
Освен војната, „бомбата на сиромаштвото“
Но, Божиќ во оваа земја како и во другите подрачја на кои се водат конфликти, останува и понатаму потопен во состојбата од која не може да се отргне вниманието. Секако – рече кардинал Зенари – перспективата е и понатаму жалосна, после речиси седум години војна. Мислејќи на Светото назаретско семејство кое исто така било прогонето – додаде – бележиме повеќе од 6 милиони внатрешни бегалци, луѓе кои морале да го напуштат својот дом и 5 милиони бегалци во блиските земји. Треба да се каже дека има малку помалку насилство – рече апостолскиот нунциј – но луѓето живеат под закана, можеме да кажеме со „бомбата на сиромаштвото.“ Имено 69% од населението живее во крајно сиромаштво заради кое страдаат и децата од кои многу се неисхранети – истакна кардинал Зенари.
РВ/к.мк