Во средата на 31 мај 2023 година во манастирот посветен на Богородица Утешителка на „Чуката“, во текот на целиот ден се молеше за успешна подготовка за Редовното собрание на Епископската синода, насловена: За Синодална Црква: заедништво, учество, послание. На ходочастието во ова богородично светилиште учество земаа сите парохии од Струмичко- скопската епархија и Скопска бискупија, како и монашките заедници, црковни движења и организации.
Денот за интензивна молитва започне во 11.00 часот во црквата на Чуката во Паљурци, а заврши со Молебен до Пресвета Богородица во 19.00 часот на темелите на црквата „Свети Апостол Павле. Во својата проповед о. Зоран И. Стојанов, пренесувајќи ги поздравите и архиерејскиот благослов од Н.В.П. монс. Киро Стојанов до сите присутни во кратки црти начна нешта кои го засегаат секого, преку лични чувства, како што се: Огорченост! Уништен живот! Што ми служи да правам напор! Се ми излегува лошо! Зошто лошите работи ми се случуваат на мене? Вреди ли да се живее?, истакнувајќи дека не е лесно да се прифати со радост оптимизмот, затоа што него секој од нас треба да го живее и додаде дека оптимизмот се учи. Понатаму о. Зоран И. Стојанов истакна дека не е лесно да се достигне среќата, таа се раѓа од внатрешниот мир, од мирна совест, од чувството дека сме си ги исполниле обврските, од вистинска љубов и од вербата во Господ Бог. Личноста која е огорчена, тажна и разочарана од животот нема да знае никогаш да биде весела, среќна, го губи чувството на радост. Зашто среќната личност го потврдува постоењето на Христос воскреснат, жив и прославен; Осврнувајќи се на месец мај, кој е посветен на Пресвета Богородица рече: Месец мај е голем предизвик за нас христијаните зашто е посветен на Марија која не стимулира да се бориме во животот зашто и самата е вреден дар дониран од Бог. Марија е пример кој ни помага да го реализираме дадениот Божји план за секого од нас.
Отец Зоран ја заврши проповедта со зборовите: Евангелието ни ја потврдува нејзината скромност и посветеност оди кај својата роднина Елисавета, зашто нејзе и требаше помош. Марија е подготвена секому да му помогне, затоа нека Мајка Божја Паљурска ни даде сила и храброст во наследувањето и молењето на Марија.
Во разговор за Католици.мк некои од присутните верници истакнаа дека ова ходочастите и покрај врнежливото време и калта, ги исполни срцата со радост па едни на други можеа да си посведочат за верата и љубовта кон Богородица, како и милостите кои ги дава Пресвета Богородица Паљурска. По завршувањето на Молебенот до Пресвета Богородица следуваше агапе и заедништво.
Ходочастието беше во организација на светилиштето Мајка Божја Утешителка во Паљурци и парохијата „Свети Кирил и Методиј“ – Богданци и одговорните свештеници протојереј ставрофор отец д-р Зоран И. Стојанов – управител на светилиштето и протојереј ставрофор о. Тома Ангелов – парох во Богданци.
Ватикан њуз/к.мк