Шест монахињи од Конгрегацијата на сестрите Света Ана, кои беа земени како заложници од вооружени лица на 19 јануари, се ослободени заедно со уште двајца киднапирани мирјани, изјави хаитискиот надбискуп Макс Лерој Месидор од Порт-о-Пренс.
Ослободени се шесте сестри од Конгрегацијата на сестрите Света Ана, кои беа киднапирани во петокот, на 19 јануари, во Порт-о-Пренс, Хаити. Ослободени се и двајца мирјани – нивниот возач на автобус и внуката на една од монахињите.
Неидентификувани вооружени лица го запреле автобусот со монахињите и побарале откуп од 3,5 милиони долари, објавија локални извори.
Претседателот на бискупската конференција на Хаити, надбискупот Макс Лерој Месидор, потврди за ватиканските медиуми дека се пуштени на слобода. Надбискупот Месидор ја изрази својата радост за оваа вест и им се заблагодари на сите што посветија внимание и дадоа поддршка во оваа деликатна ситуација. Му благодариме на Бога! Ви благодариме на сите за поддршката, рече надбискупот Месидор.
Апел на папата по молитвата Ангел Господов
Папата Фрањо за време на неделната молитва Ангел Господов, на 21 јануари, апелираше за ослободување на шесте монахињи. Папата потоа рече дека е тажен кога дознал за киднапираните лица на Хаити.
Во искрена молба за нивно ослободување, се молам за социјална хармонија во таа земја и ги повикувам сите да прекинат со насилството што предизвикува страдање на тоа сакано население, апелираше Римскиот бискуп. Во среда, на 24 јануари, Католичката црква на Хаити организираше ден на молитва, медитација и евхаристиско обожавање за монахињите и сите киднапирани лица.
Бискупот Думас: „Повикавме кон Бога!“
За ослободувањето на осумте киднапирани лица се заблагодари и потпретседателот на Бискупската конференција на Хаити, бискупот Пјер-Андре Думас. „Овој трауматичен настан“, напиша тој, „уште еднаш ја стави нашата вера на искушение, но таа остана непоколеблива“.
„Го повикавме Бога“, рече бискупот, нагласувајќи дека Господ ги зацврстил во нивните искушенија и ги врати заложниците на слобода.