Често е многу лесно да се најде изговор за да се пропушти светата Литургија, иако светата Литургија е најголемиот дар кој Господ ни го оставил. Во овој текст прочитајте некои од најчестите изговори, но и одговорите на секој од нив.
„Драги пријатели, никогаш не му се заблагодаруваме на Господ доволно за дарот кој ни го дава во Евхаристијата! Тој е извонреден дар и заради тоа е многу важно да се оди на света Литургија во недела. Одете на света Литургија не само да се молите, туку и да примите света Причест, лебот кој е Телото на Исус Христос, кој нѐ спасува, ни простува и нѐ соединува со Отецот. Тоа е убаво да се прави. Одиме на света Литургија во недела затоа што тоа е денот на Господовото Воскресение. Затоа неделата ни е толку важна.“ – папа Фрањо
Црквата е полна со лицемери кои осудуваат
„Црквата не е хотел за светци, туку болница за грешници.“ – свети Августин
Црквата сигурно дека е полна со несовршени луѓе. Иако го даваме најдоброто од себе за да бидеме што поблиску до Исус и понатаму сме грешници. Само Исус е совршен и Тој е главната причина поради која одиме на света Литургија. Доаѓаме во Божјиот дом барајќи ја неговата милост и наклонетост. Одиме на света Литургија затоа што ни е потребна прошка која само Исус ни ја нуди. Не дозволувајте однесувањето на другите да ве спречи да ја искусите таа милост, наклонетост и љубов во вашиот живот.
Иако има многу недостатоци во Телото Христово – Црквата, исто така многу чудесни плодови има произлезено до Католичката вера. Црквата низ историјата верно им служи на сиромашните, разведените, болните, затворениците и многу други. Милиони католици настојуваат да ја живеат верата во добрина и светост. Погледнете ги прво оние кои прават добро отколку оние кои не се искрени во својата вера.
„Не судете за да не бидете судени; оти со каков суд судите, со таков ќе бидете судени; со каква мерка мерите, со таква и ќе ви се мери. Зошто ја гледаш раската во окото на брата си, а гредата во своето око не ја чувствуваш?“ (Мт 7, 1-3)
Ако Бог е насекаде зошто морам да одам во црква за да бидам со Него?
Свети Максимилијан Колбе кажал: „Кога ангелите би му биле љубоморни на човекот за тоа би постоела само една причина: светата Причест.“ Овие силни мисли го изразуваат вистинскиот дар на Евхаристијата. Иако Бог е насекаде, Тој слегнува од Негото за физички да влезе во нашите тела во обликот на Евхаристијата. Таква близина не можеме да искусиме никаде на земјата.
„Светата Причест е најкраткиот и најсигурниот пат до небото. Постои и друг: невиноста, но тој е за малите деца; покората но ние се плашиме од тоа; великодушното поднесување на животните искушенија, но кога ќе дојдат плачеме и поставуваме прашања; најсигурниот, најлесниот и најкраткиот пат е Евхаристијата“ – Папа Пио X.
Светата Литургија е досадна
Дали некогаш сте сретнале некој кој страсно е обземен од нешто за што вие немате интерес? Тој или таа можат со часови без престан да ви говорат за хемија, спорт, класична музика и така натаму. Најчесто притоа ни е досадно затоа што не ја разбираме комплексноста која е во позадина на тоа. Не треба да си земаме време за да го сфатиме фудбалот, ако не сме заинтересирани за тоа, но апсолутно треба да вложиме време за да ја разбереме светата Литургија затоа што нашето спасение зависи од тоа. Што повеќе ја проучуваме и разбираме величенственоста и радоста на светата Литургија стануваме сѐ повеќе возбудени од убавината на нашата вера и традиција. Вториот начин да ја спречите досадата е да се вклучите. Пријавете се да бидете читач или дел од хорот. Служењето во Црквата на некој начин ќе помогне во вас да расте почитта кон светата Литургија.
„Светата Литургија е долга велиш, а јас додавам: затоа што твојата љубов е кратка.“ – свети Хосемарија Ескрива
Becky Roach/CatholicLink/к.мк