Со света архиерејска Литургија прославен јубилејот 100 години Деканат Свети Кирил и Методиј

Со света архиерејска Литургија прославен јубилејот 100 години Деканат Свети Кирил и Методиј

Со архиерејска света Литургија во Радово, која ја предводеше епископот Стојанов, свечено е прославен јубилејот 100 години Деканат Свети Кирил и Методиј

По повод одбележувањето 100 години Деканат Свети Кирил и Методиј, во недела 6 октомври 2024 година во парохијата „Свети пророк Илија“ во Радово Н.В.П. монсињор д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и Струмичко – скопски епарх служеше света архиерејска Литургија, во заедништво со епископот од Руски Крстур монсињор Ѓуро Џуџар, епископот од Крижевци монсињор Милан Стипиќ, епископот од Софија монсињор Петко Валов и свештеници од Струмичко-скопската епархија.

На светата Литургија покрај верниците присуствуваа верници од други парохии, сестрите Евхаристински и сестрите Усмиленки, како и ходочесничка група од Јастребарско, Хрватска.

Свеченоста започна со свечена процесија околу црквата со статуата на Марија од Назарет.

На почетокот епископот Стојанов го поздрави присутниот градоначалник на Општина Босилово г-дин Ристо Манчев со неговата сопруга, како и епископите од регионот, кој по повод јубилејот на Деканатот пристигнаа во посета на Македонија.

Епископот Стојанов истакнувајќи ја меѓусебната поврзаност на епархиите и епископите рече дека на денот кога парохијата во Радово го празнува својот копатрон Марија од Назарет воедно сакаме да да оддадеме благодарност на Господа Бога за 100 годишнината од постоењето на нашето Архиерејско намесништво односно Деканат „Свети Кирил и Методиј“, основано во 1924 година од тогашниот великан на Црквата монсињор д-р Дионизије Њаради. Деканат кој што во континуитет, без прекин, постои цели 100 години. Патем епископот Стојанов напомена дека оваа година се наполнуваат 165 години од Кукушката унија, 135 години од основањето на Сестрите Евхаристинки и 110 години од основањето на парохијата Радово.

Зборувајќи за Марија од Назарет тој рече дека таа е всадена во нашата историја, во нашиот живот, во нашата Црква, затоа да ја наследуваме, до неа да ги упатуваме нашите молитви и да ја прифатиме како една од нас. Кога ќе успееме да ја прифатиме Марија во нашите ближни тогаш во нас ќе се исполни најголемата Божја заповед и додаде: Сам оние ќе бидат и ќе останат христијани, кои ќе знаат во која насока да чекорат, кои ќе знаат кому поверуваа и кои ќе знаат дека ѕвездата предводница е Марија.

Владиката Стојанов завршувајќи ја својата проповед рече: Да појдеме и ние по стапките на нашата небесна Мајка, Марија од Назарет, и ќе бидеме сигурни дека сме на вистинскиот пат, пат што го следеа и нашите предци, но и ни оставија аманет да не скршнеме од тој пат кој нé води до вистинската цел.

Во своето обраќање до присутните Крижевскиот владика монсињор Стипиќ, најпрво го честита јубилејот 100 години деканат Свети Кирил и Методиј искажувајќи ја својата радост што Црквата во Македонија живее и диши со двете блодробни крила, како и за тоа што и понатаму се живее заедништвото на верата, традицијата, обредот и молитвите меѓу епархиите кои се проилезени од Крижевската епархија.

На крајот од светата Литургија декантот на деканатот протојереј ставорфор отец д-р Зоран и. Стојанов се заблагодари на епископите за нивното присуство и придонесот на сите кои на свој начин придонесоа да се одбележи овој јубилеј при што уште еднаш ја истакна важноста на Деканатот за животот на Црквата во Македонија.

Парохот отец Илија Стојанов во име на парохијата на присутните епископи им подари пригодни подароци, воедно честитајќи му го на епископот Стојанов неговиот 25 годишен епископски јубилеј.

к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот