Со добри дела да го покажуваме богатството на Божјото милосрдие

Со добри дела да го покажуваме богатството на Божјото милосрдие

На 20 ноември 2022 година во Катедралата „Успение на Пресвета Богородица“ во Струмица, монс. д-р Томо Вукшиќ, Врхбосански митрополит и надбискуп и Воен ординариј во Босна и Херцеговина одржа проповед за време на светата Литургија, која ја служеше во заедништво со монс. д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и Струмичко – скопски епарх. Проповедта на монс. Вукшуќ ја пренесуваме во целост.

1.Бог, богат со милост, поради големата Си љубов, со која нè засака (Ефесјаните 2,4), го испрати меѓу луѓето Исус Христос, кој преку своето дело, смрт и воскресение ги откупи непослушните синови и ќерки. Преку Исус на сите им понуди избавување од состојбата на грешна непослушност и ги собра во новиот Божји народ, во заедница на своите верници, која ја нарекуваме Црква. А преку служењето на Црквата во неа им се достапни на сите луѓе и на располагање им се сите средства на Божјата благодат и благослов за нивното преобраќање, истрајност во доброто и вечното спасение.

2.Светата Тајна крштение претставува врата низ која се влегува во заедницата на Исусовите верници, а со поминувањето низ таа врата секој христијанин го започнува своето одење со Христос и своето учество во благодатниот живот на Црквата. Така беше и со секој од нас, кои се собравме на ова Евхаристиско славење. Односно, сѐ до нашето крштевање и ние живеевме меѓу оние кои беа непослушни на Бога, а во таква состојба бевме и „по природа бевме како и другите (луѓе), чеда на гневот“ (Ефесјаните 2,3). А потоа, токму преку крштевањето, Бог, кој е богат со милост „ иако бевме мртви поради гревовите наши, нè оживе со Христа“ (Ефесјаните 2,5). Така е, како што вели насловот на делот од кој е преземено денешното прво читање (Ефесјаните 2,4-10), како Божјиот спасителски наум се остварува во нас.

Да се биде морално мртов, а физички жив, односно да се живее „во телесните похоти“ (Ефесјаните 2,3), е онаа состојба во која човекот се препушта само на своите сила и, убеден дека самиот на себе е доволен, ги задоволува желбите на телото и природата.

3.По поминувањето низ вратата на крштевањето и влегувањето во заедницата на новиот Божји народ, Бог, кој е богат со милосрдие, го прима секој христијански верник и преку Црквата му ги нуди своите Свети Тајни, кои се средство за Божји благослов и место на Божјото присуство. Така и нас, кои во дадено време преку крстот нѐ оживеја заедно со Христа, денес нѐ собра во катедралата Успение на Пресвета Богородица на ова свето Евхаристиско славење.

Евхаристиското славење секогаш е време и место кога Исус, во вид на леб и вино, и секој пат одново, доаѓа меѓу своите ученици. Тоа исто така е и прилика кога Исус преку навестувањето на Словото Божјо повторно зборува и кога, преку толкувањето на Црквата, Светиот Дух упатува кон сета вистина, и по нивното преобраќање и прифаќање на Божјите правила, ги поддржува на вистинскиот пат и ги води во вечен живот.

4.Човекот доаѓа на овој свет непотполн, во таква состојба што не е целосно реализиран и мора постојано да се реализира во текот на својот живот. Така е и со христијанскиот верник. А основната смисла на тој тек во животот не си ја дава самиот на себе, туку му доаѓа „одозгора“, му е дадена од Бога како дар што човекот го усвојува во текот на целиот свој живот, а тој дар се исполнува и целосно довршува дури во воскресението. Притоа, човекот, кој е Божјо дело, треба да биде благодарен на Бога, како негов создател, и отворен за Бога кој го преиспитува „одозгора“ и му нуди спасение.

Преку светата тајна крштение, Бог нè оживеа заедно со Христос. Односно, откако преку крстот престанавме да бидеме деца на гневот и станавме членови на неговото тело, повикани сме да живееме во склад со Христос, со својата глава, како Христови, на начинот на Исус Христос и во служба на Исус Христос. Тој е нашата глава. Тој е глава на целото негово тело, кое се нарекува Црква, и глава на секој член на тоа тело. А тоа значи дека тој е и глава и на овој дел од неговата Црква, која како епархија има катедрала овде во Струмица. И исто така Исус е глава на секој нејзин член, односно на секој верник и верничка на оваа епархиска заедница.

5.Исус Христос, кој е наша глава, воскресна. А ние кои исповедаме вера во воскресението на телото и вечниот живот се надеваме и на сопственото воскресение. Дел од нашето тело веќе воскресна, бидејќи нашата Глава воскресна, и се надеваме на нашиот вечен живот заедно со неа. И повеќе од тоа, бидејќи Главата на нашето духовно тело, на кое припаѓаме, веќе воскресна, сите други членови живеат во надеж дека со благодатта се спасени во верата. Веруваме дека така милосрдниот Бог во Христа Исуса нè воскресна и нè засади на небесата „за да им го покаже на идните векови преизобилното богатство на Својата благодат во добрина кон нас преку Христа Исуса“ (Ефесјаните 2,7).

Ако нашата Глава воскресне, тогаш дел од нас е заедно со неа на небесата во вечноста. А останатото чека, верува и се надева. Затоа можеме заедно со свети Августин да кажеме: „Ако нашето тело сè уште не е таму, таму е веќе нашата надеж“.

6.Нашата вера и нашата надеж не се само наше дело и плод на нашите определби, желби и напори. Ниту пак нашето идно спасение. Наспроти искушението на таквото уверување и однесување, апостол Павле предупредува дека – и тоа уште еднаш нека одекне во оваа сала – „зашто по благодат сте спасени преку верата; и тоа не е од вас – Божји дар е; не е од дела, да не би некој да се пофали“ (Ефесјаните 2,8-9).

Тогаш се поставува прашањето: Што е со добрите дела на човекот? За што служат тие? И што може да направи христијанинот за своето спасение?

Христијанска вистина е дека спасението на човекот е Божја благодат и дар Божји. Човекот не може да се спаси самиот себеси и не се спасува со своите дела. Но, христијанинот со своите добри дела покажува дека неговата вера е жива затоа што „верата, ако нема дела, сама по себе е мртва“ (Јаков 2,17). И никој не треба да се фали со своите дела затоа што, „ние сме Негова творба, создадени во Христа Исуса за добри дела, што Бог ги предодредил уште од порано да ги вршиме“ (Ефесјаните 2,10).

Христијанинот е создаден да прави добри дела. А неговите добри дела, кои се и Божјо „создавање“ и Божји дар, докажуваат дека тој е место на Божјото присуство. Тие се продолжената рака на Божјата добрина и покажуваат дека верата на христијанинот е навистина жива. Нашите добри дела се всушност Божји дела бидејќи христијанскиот верник е Божја творба која живее и се реализира во добри дела и преку нив сведочи за Божјата љубов.

7.Драги браќа и сестри, Христови верници и сите присутни свештеници! Се радувам што денес сум заедно со вас Струмица. И благодарам на Божјата промисла, по покана на вашиот владикам, што ме донесе на ова евхаристиска славење.

Почитуван и драг Владика Киро, благодарам!

Црквата Христова овде е присутна уште од апостолско време, бидејќи Македонија е крај чие име се чита на библиските страници. Неговиот народ веќе тогаш – да ги позајмиме зборовите на апостол Павле – оживе заедно со Христа и по благодатта е спасен (сп. Ефесјаните 2,5). Тоа беше така затоа што во Исусовото име се проповедаше преобраќање и простување на гревовите на сите народи почнувајќи од Ерусалим. Денес вие сте наследници и потомци на тоа и бидете за тоа горди сведоци (сп. Лука 24,47-48).

По застапништво на Пресвета Богородица, заштитничка на оваа катедрала, Бог, богатиот со милосрдие, нека ве благослови и преку вас и вашите добри дела во нашево време и идните векови да го покаже богатото богатство на Божјата благодат и добрина.

Категорија: Вера, Проповеди

За авторот