Од Светото Евангелие според Лука (11, 14-23)
14. Еднаш истера Он еден бес, кој беше нем, и кога нечистиот дух излезе, немиот проговори; и народот се чудеше, 15. А некои од нив рекоа: „Он ги изгонува бесовите преку Велзевула, кнезот на бесовите.” 16. А други, искушувајќи Го, Му бараа знак од небото. 17. Но Он, знаејќи ги нивните помисли, им рече: „Секое царство разделено на две половини, едно против друго, запустува; и дом – на групи, една против друга, пропаѓа; 18. и, ако и сатаната се разделил сам против себе, како ќе се одржи царството негово? Оти велите дека Јас преку Велзевула ги истерувам бесовите. 19. И, ако Јас, пак, преку Велзевула ги истерувам бесовите, тогаш синовите ваши преку кого ги истеруваат? Затоа, тие ќе ви бидат судии. 20. Ако Јас, пак, со прст Божји ги изгонувам бесовите, тоа значи дека до вас дошло царството Божјо. 21. Кога силен човек се вооружи и го припази домот свој, тогаш имотот негов е во безопасност. 22. Но, ако некој посилен од него го нападне и победи, тој ќе му го земе сето оружје, на кое се надевал, и ограбеното од него ќе го раздаде.23. Кој не е со Мене, тој е против Мене; и кој не собира со Мене, тој растура.
Во денешното Евангелие е опишана една интересна ситуација која се однесува на Господ Исус, но се повторува во сите времиња, предизвикана од човечката завист и сотонското подметнување. Имено, кога Господ Исус го започнал своето делување, поточно делото за ослободување и спасение на човекот од шаката на гревот и сатаната веднаш започнале реакции за тоа што го правел. Речиси никој не се снаоѓал, ниту знаел што точно да каже за неговиот настап и работа, ниту го разбирале неговиот жар за Бог и желбата за спасение на човекот. Затоа на злобните завидливи луѓе не им преостанало друго, туку неговото дело да го сатанизираат со изјави како оние кои ги пренесува Евангелието: Он ги изгонува бесовите преку Велзевула, кнезот на бесовите. Тој Кој ги ослободува луѓето од безбожништво, е прогласен за опседнат, додека тие љубоморни книжници, управувани од сатанската завист, се сметаат за човекољубци. (…)
Како некогаш против Господ, така и денес се превртуваат тезите. Оние кои кон злото и гревот се однесувале толерантно, се прогласуваат за напредни човекољубци, а оние кои го мразат злото и гревот, за нетолерантни и непосакувани. Оние кои толку го „љубат“ човекот што го туркат во духовна и вечна пропаст, ги обвинуваат оние кои го љубат човекот и сакат да го спасат од ропството на гревот и злото. (…)
Денешниот „демократски“ менталитет кој околу нас се шири земајќи замав, речиси е копија на она ситуација од Евангелието. Се создава, навистина, такво сфаќање и атмосфера на слобода според која сатаната има слободен пристап во било чиј живот и во целото општество, и тој се однесува како господар кој располага со имотот и душите. А штом Господ бара простор и место во општеството, тој веднаш се сотонизира сакајќи да се исклучи. (…)
Ние кои се држиме за науката на својот Господ, наука која нѐ води во вечниот живот, и не можеме, а да не ја исповедаме верата во Бог и врз основа на неа, вистината за човекот. Не можеме и нема да дозволиме никој повеќе од нас да го љуби било кој човек, било кој праведник или грешник, и тоа на начин како што Господ љубеше ослободувајќи ги луѓето од гревот и подготвувајќи го вечното спасение. (…)
Токму затоа што како својот Господ го љубиме животот и секој човек, не можеме да дозволиме да нѐ прогласат за затапени, бидејќи ние ја навестуваме она возвишена вистина со која сме просветлени преку верата. Нема да дозволиме сатаната да нѐ фати во своите врски, бидејќи кога би нѐ фатила, тогаш ќе нѐ опустоши. Следејќи ја Господовата наука нема да бидеме оние кои хулат на Светиот Дух! Затоа нема да ги одбиваме божествените иницијативи, животот и вистината, за да им служиме на ниските човечки страсти. Нема да избираме смрт, лага, темнина и грев, ниту за себе, ниту за другиот, туку со апостолски жар, како Господ Исус ќе навестуваме спасение и ослободување за секој човек. Ќе се радуваме кога на другите ќе им ги отвориме очите и самите да можат да ја спознаат и да ја вршат волјата Божја во својот живот, заедно да уживаме во полнотата на животот во неговото Царство.
д-р Фра Иван Бодрожиќ/к.мк