Скопје: Бискупот Стојанов го воведе во служба новиот катедрален парох

Скопје: Бискупот Стојанов го воведе во служба новиот катедрален парох

Во недела 4 септември 2022 година, во пресрет на празникот Света Мајка Тереза, за време на светата Литургија во Катедралната црква „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје, бискупот Стојанов ги воведе во служба новиот катедрален парох, о. Винко Маслаќ и капеланот о. Марјан Бешлиќ, а водено им заблагодари на дон Паво Шекерија и дон Давид Регалдо за нивното пожртвувано служење.

Во воведниот дел од својата проповед бискупот Стојанов користејќи се со Исусовите зборови од светото Евангелие истакна: „Кој од вас нема да се откаже од сѐ што има, не може да биде Мој ученик.“ Тешки зборови, тешко разбирливи уште потешко прифатливи за денешниот човек што излудува во натпреварувањето за материјалните добра. Ние ќе кажеме дека Господ Бог го бара невозможното – а невозможното никој не е должен да го исполни. Сепак, овие зборови упатени се пред сѐ до оние што сакаат да бидаат совршени ученици, нему бездомникот: да се нема ништо освен Евангелието во рацете и Бога во душата – секојдневен леб некако ќе се најде. Но не се упатени само до нив, на секого му е потребно, секој треба да знае „да се откаже“ од сите и од сѐ што ќе го одвои од неговиот Господ, дури тоа да се и неговите најблиски. Исус зборува сериозно: „Ако некој дојде кај Мене, а повеќе го сака татка си и мајка си, жена си и децата свои, браќата и сестрите, па дури и душата своја, тој не може да биде Мој ученик“. Од Исус христијанинот никој не е поблизок, никој не треба да биде помил.

Во продолжението рече: Денес како што ви е познато се простуваме од дон Паво Шеќерија и дон Давид Регалдо, свештеници на сараевската надбискупија, под чија митрополија припаѓа оваа наша Скопска бискупија. Оставија сѐ дојдоа да помогнат на оваа месна црква. Дон Паво првите три години ги помина како парох во Битола и последните две како Катедрален парох и декан овде во Скопје и пет години Директор на Македонски каритас. Дон Давид кој денес се наоѓа во Битола и Прилеп, долги години беше капелан во оваа наша парохија овде во Скопје, а последните две години и како администратор во парохијата и филијалата во Битола и Прилеп. До крај совесно ја извршуваа своја свештеничка должност на што изразувам искрена благодарност за неизмерната и несебична пожртвуваност за доброто на оваа месна Црква и Божји народ им посакувам Божји благослов и успех таму каде Божјата провидност ги праќа. Дон Паво се враќа назад во својата надбискупија, додека дон Давид ја продолжува својата мисија во Русија поконкретно во Новосибирск.

На нивно место Божјата провидност ни праќа двајца изврсни свештеници, редовници Исусовци од Хрватска провинција: патер Винко Маслаќ и патер Маријан Бешлиќ.

Патер Винко е роден во Борут, Босна и Херцеговина, по завршувањето на електротехничкиот факултет во Загреб во 1984 година велгува во новицијат кај оо. Исусовци. По завршувањето на филозовско-теолошките студии на Филозовско-теолошкиот Институт во Загреб е ракоположен за свештеник во 1993 година во Загребачката катедрала. Продолжува постдипломски студии во Рим каде на Папскиот теолошки институт магистрира по мариологија. Служи како капелан во Сплит, Виена, воен капелан во Загреб, поглавар и парох во парохијата Свети Игнациј во Сараево, поглавар и парох во парохијата Свети Петар во Белград, поглавар во Дубровник од каде доаѓа кај нас за Катедрален парох.

Патер Маријан Бешлиќ роден е во Боровици во Босна и Херцеговина. Во Општеството на оо. Исусовци влегува во 1973 година, завршува филозовско-теолошки студии на Филозофско-теолошкиот институт во Загреб, во 1980 година е ракоположен за свештеник. Магистрира пасторална теологија на Папскиот Универзитет Латеранум во Рим во 1983 година. Дејствува во Исусовачката заедница во Загреб како воспитувач, капелан и парох во Осиек, Сплит и Риека, поглавар во Дубровник. До оваа лето беше помошник духовник за новаците и пасторален соработник во Исусовачката заедница и новицијат во Сплит од каде доаѓа за Скопје.

Оставија сѐ дојдоа да помогнат на оваа наша месна Црква. Дали го заслужуваме тоа? Човечки гледано не. Но Божјата провидност поинаку гледа, гледа дека оваа Црква има потреба од Божји служители, дека оваа Црква сепак е верна на Господа Бога и има потреба од такви верни и вредни Божји служители. Наше е да бидеме благодарни на Бога и да се молиме за нив. Нивната добрина и нивната активност ќе зависи и од нашата молитвена поддршка и потпора. Да се молиме за нив и да се молиме за духовни звања. Нека во сето тоа ги прати Марија Мајка на Црквата, а под заштита на нашата светица Света Мајка Тереза чиј што празник утре свечено ќе го прославиме, заклучи бискупот Стојанов.

На светата Литургија во името на провинцијалот присуствуваше о. Маријан Штајнер од Белград и поглавар на оо. Исусовци во Белград и Скопје, а на светата Миса пееше Катедралниот хор. Присуствуваа и голем број верници кои испраќањето на дон Паво Шекерија и дон Давид Регалдо, како и добредојде на новиот парох и капелан го искажаа со голем аплаус.

к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот