Во своето пладневно обраќање, папата Фрањо го спомена мачеништвото на полското семејство кое беше прогласено за блажено затоа што им обезбеди засолниште на неколку Евреи кои беа прогонувани од нацистите. Осврнувајќи се на актуелните конфликти во светот, особено во „напатената Украина“, тој повика на силата на оружјето да и се спротивстави силата на милосрдието, на реториката на насилството со упорност во молитвата. Посака и братско помирување и мир на етиопскиот народ, честитајќи им ја традиционалната Нова година.
По пладневната богородична молитва која ја предводеше од прозорецот на Апостолската палата, мислите на папата Фрањо отидоа во Полска, каде на 10 септември, во утринските часови во Маркова беа прогласени за блажени мачениците Јозеф и Викторија Улма и нивните седум деца.
Семејството Улма: Зрак светлина во темнината на војната
Папата го спомна семејството кое нацистите го убиле на 24 март 1944 година, затоа што им обезбедиле засолниште на неколку прогонети Евреи.
На омразата и насилството што го одбележаа тоа време им се спротивстави евангелската љубов. Нека тоа полско семејство, кое беше зрак светлина во темнината на Втората светска војна, биде пример за сите нас во стремежот кон доброто и во служењето на сиромашните.
Истовремено, Светиот Отец ги охрабри ходочасниците собрани на плоштадот Свети Петар да аплаудираат за тоа блажено семејство.
Ватикан њуз/к.мк