Седум вообичаени митови и факти за Бројаницата

Седум вообичаени митови и факти за Бројаницата

Поглед на оваа популарна побожност и молитва по повод празникот на Пресвета Богородица на Светата Бројаница.

Октомври во Католичката црква традиционално е посветен на Бројаницата, а на 7 октомври се слави празникот на Пресвета Богородица на Светата Бројаница.

Еве седум вообичаени митови и факти за оваа популарна побожност и молитва:

  1. Само католиците можат да ја молат Бројаницата

Неточно. Иако Бројаницата најчесто се поврзува со католиците, и некатолиците можат да ја молат. Всушност, многумина сведочат дека токму оваа молитва одиграла важна улога на нивниот пат кон преобраќање. Дури и некои протестанти ја признаваат Бројаницата како валиден облик на молитва.

  1. Молењето на Бројаницата е идолопоклонство

Неточно. Некои луѓе имаат приговори кон Бројаницата, тврдејќи дека со неа Марија се идолизира или дека молитвата премногу се повторува.

Како и секоја побожна практика, и Бројаницата може да биде погрешно разбрана или злоупотребена, исто како што некој може несоодветно да се приврзе кон одреден проповедник или свештеник, некој облик на богослужба или пост. Но самата Бројаница не е облик на идолопоклонство.

Бројаницата не претставува обожавање на Марија, туку размислување за животот на Христос преку таинствата, со цел оној што се моли да навлезе подлабоко во контемплација на радостите, жртвата, страдањата и славните настани од Христовиот живот.

Кога ја молиме молитвата „Радувај се, Маријо“, не ја обожаваме Марија, туку го бараме нејзиното застапништво, исто како што можеме да замолиме пријател или член на семејството да се моли за нас.

Исто така, секоја молитва може да го изгуби своето значење ако се изговара без внимание. Затоа свесното и внимателно размислување за таинствата е клучно за преобразителната сила на Бројаницата. Како што пишува еден автор: „Самата Бројаница останува иста, но ние не остануваме исти.“

  1. Може ли Бројаницата да се носи како ѓердан?

Зависи. Вообичаено се смета за несоодветно Бројаницата да се носи околу вратот само како моден украс, иако Црквата нема изречна забрана за тоа.

Сепак, канон 1171 од Кодексот на канонското право вели дека „светите предмети, определени за богослужба со посветување или благослов, треба да се третираат со почит и не треба да се употребуваат за световни или несоодветни цели, дури и ако се во приватна сопственост“.

Затоа е важно со Бројаницата да се однесуваме со почит и со правилна намера. Ако некој ја носи само како накит, без никакво почитување кон нејзиното религиозно значење, тоа треба да се избегнува. Се подразбира дека нејзиното носење како средство за потсмев или како симбол поврзан со криминална група би било несоодветно.

Но ако намерата е Бројаницата да биде при рака за молитва и да се носи како знак на вера и побожност, тоа може да биде прифатливо. Во некои култури, како во Хондурас и Ел Салвадор, не е невообичаено Бројаницата со почит да се носи околу вратот како знак на побожност.

Прстените или нараквиците во облик на Бројаница можат да бидат добра можност за оние што сакаат секогаш да ја имаат при рака како потсетник за молитва.

  1. Бројаницата е екстремистички симбол

Неточно. Во 2022 година, широко споделувана статија во списанието The Atlantic предизвика реакции откако Бројаницата беше поврзана со „екстремистички симболизам“.

„Како што пушката AR-15 стана свет предмет за христијанските националисти воопшто, така и Бројаницата доби милитаристичко значење за радикално традиционалните католици“, се тврдеше во текстот.

Авторот го посочи и учењето на Црквата за традиционалниот брак и светоста на човечкиот живот како дел од наводниот „екстремизам“, а употребата на изразот дека Бројаницата е „оружје во борбата против злото“ ја претстави како опасна.

Како што објави EWTN News во 2022 година, папите ги повикуваат католиците да ја молат Бројаницата уште од 1571 година, а низ историјата таа често била нарекувана „оружје“ на молитвата и моќно духовно средство.

  1. Бројаницата не е библиска

Неточно. Голем дел од зборовите што се изговараат за време на Бројаницата потекнуваат директно од Светото Писмо.

Најнапред се моли „Оче наш“. Зборовите на оваа молитва се оние што Христос ги научил Своите ученици да ги молат во Матеј 6,9-13.

И молитвата „Радувај се, Маријо“ има библиски корени. Првиот дел, „Радувај се, благодатна, Господ е со Тебе“, доаѓа од Лука 1,28, а зборовите „Благословена си Ти меѓу жените и благословен е плодот на Твојата утроба“ се наоѓаат во Лука 1,42.

На крајот, секоја десетка од Бројаницата е поврзана со настан од животот на Исус Христос и Неговата Мајка. Таинствата се поделени во четири групи: Радосни, Светли, Жалосни и Славни, а најголемиот дел од настаните за кои се размислува се опишани во Светото Писмо.

  1. Семето од кое понекогаш се прават бројаници може да биде смртоносно

Делумно точно. Таканаречениот бројаничен грашок, односно семето на растението Abrus precatorius, потекнува од Индија и од делови на Азија. Неговите црвени семиња со црна дамка често се употребувале за изработка на накит од монистра, вклучително и бројаници. Семето содржи токсична супстанца наречена абрин, природен отров кој може да биде смртоносен ако се проголта.

Сепак, малку е веројатно некој да се отруе со абрин само ако држи Бројаница направена од ова семе, бидејќи за труење би било потребно семето да биде проголтано.

Денес најголемиот дел од бројаниците се изработуваат од други, нетоксични материјали, како маслиново дрво, стакло или метал, така што овој ризик вообичаено не постои.

  1. Бројаницата може да помогне во духовната заштита

Точно. Низ историјата, Бројаницата се поврзува со бројни сведоштва за духовна помош и благодати. Еден од најпознатите примери е победата на христијанските сили во битката кај Лепанто, откако свети папа Пиј V ги повикал христијаните на Запад да ја молат Бројаницата.

Многу големи светци низ историјата, меѓу кои свети папа Иван Павле II, Падре Пио и сестра Луција од Фатима, ја препознавале Бројаницата како моќно духовно оружје во борбите со кои христијанинот се соочува.

Светото Писмо потсетува дека духовната борба е реалност: „Зашто нашата борба не е против крв и тело, туку против началствата, против властите, против светските управители на темнината од овој век, против духовите на злото под небото“ (Ефесјаните 6,12).

„Бројаницата е моќно оружје за да ги натера демоните да бегаат и да нè чува од гревот… Ако сакате мир во вашите срца, во вашите домови и во вашата земја, собирајте се секоја вечер за да ја молите Бројаницата. Не дозволувајте да помине ниту еден ден без неа, колку и да сте оптоварени со многубројни грижи и обврски“, рекол папата Пиј XI.

ЕВТН/ Еди Хајпел

Категорија: Вера, Духовност

За авторот