Протојереј ставрофор отец д-р Зоран И. Стојанов и протојереј отец Гоце Костов, со благослов на епископот Стојанов, на 19 септември 2026 година сослужуваа на свечената Литургија по повод втората годишнина од доаѓањето на моштите на свети Шарбел во Крижевци, Хрватска.
Тие сослужуваа на свечената архијерејска Божествена Литургија, која на отворено, во дворот на крижевската катедрала „Пресвета Троица“, ја предводеше Крижевскиот владика монсињор Милан Стипиќ. На богослужбата сослужуваа бројни свештеници, а присуствуваа повеќе илјади верници и ходочесници.
Владиката Стипиќ ги поздрави гостите и ходочесниците кои пристигнаа од различни земји, меѓу нив и отец Зоран Стојанов и отец Гоце Костов од Македонија.
Во проповедта владиката Стипиќ потсети на примерот на свети Шарбел и на силата на молитвата, преобраќањето и верноста кон Христос. Тој нагласи дека вистинската духовна обнова започнува во срцето на човекот и дека христијанинот е повикан своите тешкотии да ги соедини со Христовиот Крст.
По Божествената Литургија беше измолен Молебен до свети Шарбел, а верниците беа помазани со елеј од светителот.
Моштите од прв степен на свети Шарбел се наоѓаат во катедралата „Пресвета Троица“ во Крижевци од септември 2024 година и се трајно изложени за почитување од верниците.
к.мк

