Во струмичката катедрала „Успение на Пресвета Богородица“ во Струмица во сабота навечер, 5 октомври 2024 година се одржа свечена академија по повод 100 години деканат Свети Кирил и Методиј, во организација на деканатот и катедралната парохија. На академијата присустваше месниот епископот Стојанов, епископот од Руски Крстур Ѓуро Џуџар, епископот од Крижевци Милан Стипиќ, епископот од Софија Петко Валов, свештеници од Струмичко-скопската епархија, Сестри Евхаристинки, како и верници од повеќе парохии.
Академијата започна со Молебен до Пресвета Богородица, кој го предводеше катедралниот парох протојереј ставрофор отец Спасо Ристов, а по завршувањето ги поздрави присутните.
Првото предавање го имаше монсињор Киро Стојанов кој зборуваше за Католичката црква во Македонија до припојувањето кон Крижевската епархија во кое тој напрво даде краток осврт за почетоците на христијанството во Македонија и општествено-црковната ситуација во која е создадена Кукушката унија во 1859 година, а потоа се осврна се на понатамошниот развој на унијата и рече: „Со создавањето на Апостолскиот викаријат во Македонија е формирана правната структура на Католичката црква од византиско-словенски обред во Македонија. Епископот Младенов ја означува јасната насока за развојот на Католичката црква во Македонија. За време на неговото служење Католичката црква во Македонија го достигнува својот процут; 1888 година брои околу 100.000 верници со 60 католички парохии. Тој процут на Католичката црква бил од краток век. Несреќните околности што го зафаќаат тој крај се одразува негативно и на католиците.“ Тој истакна дека по трагедијата кој го зафати македонскиот народ со Балканските војни и Првата светска војна правниот статус за католиците Македонци е одреден на 19 октомври 1923 година кога, со одредба на Светиот Престол, стануваат составен дел на Крижевската епархија, а на 28 јуни 1924 година е створен Македонскиот деканат Свети Кирил и Методиј.
Монсињор Милан Стипиќ, Крижевски епископ зборуваше на тема „Крижевската епархија и католиците Македонци од византиски обред во 20 век“. На почетокот поздравувајќи го домаќинот, владиката Киро, присутните владици, свештеници, верници и ходочесничката група од Хрватска, истакна дека посебно е почестен што вечерва може да зборува на оваа прослава. Потоа даде краток осврт од историјата на Крижевската епархија. Ја објасни поврзаноста на Крижевската епархија со Црквата во Македонија, потсетувајќи на владиката Дионизиј Њаради и неговите пасторални посети во Македонија, а исто така спомна и други епископи и свештеници од Крижевската епархија поврзани со Црквата во Македонија, меѓу кои и отец Јоаким Дудаш, од кого – како што рече епископот Стипиќ – многу слушал за Црквата во Македонија.
Отец Оливер Тантушев, парох во Охрид зборуваше на тема „Значењето на парохијата Радово за Католичката Црква во Македонија“ во кое ја истакна улогата на Радово и свештенциите кои делувале во него, посебно во тие исклучително тешки години по Балканските војни, за зачувањето на Католичката црква и рече: Вистинско чудо е што постоиме и покрај сите прогонства и притисоци кои ги имале нашите претци.
Во последното предавање го одржа протојереј ставрофор отец Зоран И. Стојанов, кој зборуваше на тема: „Деканатот светите Кирил и Методиј низ годините“. Во неговиот говор тој даде детален приказ за општествено црковната состојба во времето кога е создаден деканатот, како и за развојот на деканатот низ годините, спомнувајќи ги сите декани, започнувајќи од отец Христофор Димитар Назов, отец Атанасиј Иванов, потоа го спомна и епископот Хербут, кој извесно време самиот управувал со деканатот до именувањето за декан на отец Димитар Ташев, отец Георги Трајков, отец Тома Ангелов од кого отец Зоран ја презема деканската служба на 1 декември 2014 година. Отец Зоран и. Стојанов истакна дека за дејноста на деканатот кој е во склоп на Стрмучко-скопската епархија, најголема заслуга има епископот Стојанов кој како вистински пастир ги поддржува активностите на деканатот, настојувајќи секогаш да го воздигне духовниот живот, учествувајќи лично во молитвениот живот.
Кога ќе се потсетиме што се поминал деканатот како институција и црковна единка, особено во времето на првиот декан отец Христофор Димитар Назов, а се разбира и дека секој декан има дадено свој придонес, денес со гордост можеме да им кажеме фала на сите и најискрено посакуваме драгиот Бог да ги награди за сето добро што го направиле. Отец Зоран упати благодарност и до Крижевската епархија и крижевските епископи кои татковски и мудро ја исполнувале својата мисија, која им ја доверил Апостолскиот Престол во Рим. На сите почнувајќи од епископот Дионизиј Њаради, а тоа денес сакаме да го искажеме преку сета почит кон Крижевскиот епископ моснињор Милан Стипиќ кој се одѕва на поканата да присуствува и да учествува со свој труд, давајќи особен придонес во откривањето на заедништвото на Македонците католици со браќата во Хрватска.
к.мк