Свети Трифун е роден во 232 година, во Фригија, во градот Кампсада, град кој уште во 3. век покрај Рим имал најголем број христијански заедници. Веќе во 4. век бил епархиско седиште, додека жителите се занимавале со земјоделство и сточарство.
Од еден ерменски кодекс доаѓаме до сознание дека родителите на Трифун биле христијани кои на своето дете тогаш му ставиле сосема вообичаено име чиј етимолошки корен „Триф“ значи: „Личност со благороден дух“. Трифун уште како дете останал без татко и целата грижа за неговото христијанско воспитување ја превземала неговата мајка Ефкарија.
Во прогонството, кое во декември 249 година со декрет го прогласил римскиот император Декиј, а кое траелo до јануари 250 година, со маченичка смрт пострадал и младиот Трифун. За време на прогонството, христијаните (возрасните и децата) биле принудувани да принесуваат жртви, честопати неколку зрна темјан пред статуата на големиот император. За еден христијанин кому паганските култови биле туѓи, а идолопоклонството било забрането, спротиставувањето за нив значело одземање на сите добра, затвор, принудна работа, мачење, па дури и смрт. И сето тоа по редовен процес. Така свети Трифун од своето родно место бил однесен во Никеја каде пред префектот, на цела Мала Азија, Аквилин му бил одржан судски процес. Од еден грчки кодекс за Мачениците (X – XI век) се сметаат за веродостојни акти од процесот кога Аквилин го прашува: „Што си?“ Трифун признал дека е христијанин, со изјавата: „Јас сум слободен, а по убедување – христијанин!“. По Тродневната тортура со која требало младиот Трифун да биде принуден да им принесе жртва на боговите, а со тоа да биде запишан во „книгата“ на отстапниците, на Трифун му била отсечена главата (…).
Светци/З.А.
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк