Свети Кирил и Методиј

Свети Кирил и Методиј

Кирил и Методиј, браќа по крв и вера, родени во Солун, на почетокот од 9-от век, ги евангелизираа народите од Панонија и Моравија. Ја создадоа словенската азбука и на овој јазик го преведоа Светото Писмо, а  исто така и текстови од латински јазик, за да на тие народи им ги отворат богатствата од Божјото Слово и од Светите тајни. Заради оваа апостолска мисија претрпеле осудувања и страдања од сите видови. Папата Адријан II го поддржал нивното дело, потврдувајќи дека словенскиот јазик може да се користи за Литургијата. Кирил починал на 14 февруари 869 година. Свети Иван Павле II со апостолското писмо „Egregiae virtutis“ од 31 декември 1980 година, заедно со свети Бенедикт, ги прогласи за патрони на Европа.

Не е редок случај на браќа да бидат од Црквата почитувани како светци, меѓу кои особено сакаме да се потсетиме на патријарсите Мојсеј и Арон, апостолите Петар и Андреј, мачениците Кузман и Дамјан, руските првомаченици Борис и Глеб, свети Анибал Марија и Слугата божји Франциск Марија од Франција, итн. Папата Иван Павле II на 31 декември 1980 година, со апостолското писмо „Егрегие виртутис“, сакаше двајцата браќа Кирил и Методиј, бидејќи евангелизатори на словенските народи како и на источниот дел од Стариот континент, да ги постави за патрони на Европа заедно со свети Бенедикт. Тоа се двајца светци кои никогаш не биле канонизирани од страна на папите, од кои само во 1880 година папата Лав XIII го беше раширил нивниот култ на ниво на Универзалната Црква. (…)

Родум од Солун, биле израснати во едно благородничко семејство. Според „Животот на Кирил“, Кирил бил најмалиот од седум браќа и веќе од најрана возраст изразил желба целосно  да се посвети во потрага на мудроста. Уште како млад се преселил во Константинопол, каде што се запишал на теолошки и филозофски студии. Традицијата вели дека меѓу неговите учители бил познатиот патријарх Фотиј, и Анастасиј Библиотекарот зборува за пријателството кое постоело помеѓу нив, така како и за една доктринална дебата која се случила помеѓу нив. Кирил исто така всушност се занимавал и со астрономија, геометрија, реторика и музика, но најмногу се наоѓал во областа  на лингвистиката каде што можел да ја потврди неговата генијалност. Освен грчкиот, Кирил течно ги зборувал исто така и латинскиот, арапскиот и еврејскиот јазик. Од Константинопол, императорот ги испратил двајцата браќа во различни мисии, дури и меѓу Арапите: тоа било за време на мисијата кај Касари кога Кирил ги пронајдел моштите на папата свети Климент, едно Евангелие и еден псалтир напишани со руски букви, како што се раскажува во „Животот на Методиј“. Најважната мисија која им била доверена на Кирил и Методиј била онаа во Панонија и Моравија да ги евангелизираат словенските народи. (…)

ОД „ЖИВОТОТ“ НА КОНСТАНТИН НА СЛОВЕНСКИ ЈАЗИК

Константин – Кирил, уморен од големиот труд, се разболел и тоа зло го трпел многу дни. Тогаш занесен од едно Божјо привидение, почнал да пее вака: Кога ми рекоа: „Ќе одиме во домот Господов“, мојот дух се развесели и моето срце воскликна (сп. Пс 121,1).

Откако ги беше облекол светите облеки, целиот ден останал исполнет со радост и велел: „Од овој момент не сум повеќе слуга ниту на императорот, ниту на ниеден човек на земјата, туку само на семоќниот Бог. Не постоев, но сега постојам и ќе постојам во вечност. Амин“.

Следниот ден ја облекол светата монашка одежда и додавајќи светлина на светлина си го ставил името Кирил. Вака облечен останал педесет дена.

Кога дошол последниот час да оди во вечното почивалиште, подигајќи ги рацете кон Бога, со солзи се молел, велејќи:

„Господи, Боже мој, кој ги створи сите ангелски редови и бестелесни духови, кој го распространи небото и си ја направил цврста земјата и кој од ништо си создал сѐ што постои, Ти кој секогаш ги слушаш оние кои ја вршаат волјата твоја и оние кои ги почитуваат и извршуваат твоите одредби; слушни ја молитвата моја и сочувај го во верата твоето стадо, на чие чело ме постави мене, твојот недостоен и неискусен слуга.

Ослободи ги од неверничката и поганската злоба и од оние кои те хулаат; зголеми го бројот на твојата Црква и собери ги во единство.

Направи го твојот народ свет, согласен во вистинската вера и во исправното исповедување на верата, и во нивните срца вдахни им го Словото на твојата доктрина. Твој е всушност дарот што си нѐ избрал да го проповедаме Евангелието на твојот Христос, да ги поттикнеме браќата да праваат добри дела и да го извршуваат она што тебе што ти е мило.

Оние кои си ми ги дал, ти ги враќам како твои; води ги сега со твојата цврста десница, заштити ги под сенката на твоите крилја, со цел сите да го фалат и слават твоето име на Отецот и Синот и Светиот Дух. Амин“.

Откако сите ги бакнал со свет бакнеж, рече: „Благословен да е Бог, кој не нѐ фрли за храна на нашити невидливи противници, туку ја раскина нивната мрежа и нѐ спаси од нивната желба да нѐ испрати во пропаст“.

Така на тој начин, на 42-годишна возраст, се упокои во Господ.

Папата наредил сите оние кои биле во Рим, римјани и неримјани, заедно да се соберат носејќи свеќи и пеејќи да му оддадат погребни почести кои биле наменети за самиот папа. И така било направено.

МОЛИТВА:

Боже, богат со милосрдие,

кој во апостолската мисија на светите браќа Кирил и Методоиј

на словенските народи им го подари светлото на Евангелието,

преку нивното заедничко посредување направи сите луѓе

да го прифатат твоето Слово и да го направат твојот свет народ

согласен во сведочењето на вистинската вера.

Преку нашиот Господ Исус Христос, твојот Син,

кој е Бог, и живее и царува со Тебе, во единство со Светиот Дух,

во сите векови. Амин.

Светци и блажени/З.А.

Категорија: Вера, Сведоштва

За авторот