Свети Иван Павле II

Свети Иван Павле II

Црквата за литургиски празник на свети Иван Павле II го одбра денот од почетокот на неговиот понтификат, 22 октомври, кога ги покани сите луѓе да му дозволат на Исус да влезе во секојдневниот живот на секој од нив: „Не плашете се: ширум отворете ги вратите за Исус!“

Не датумот од смртта (2 април) ниту оној од раѓањето (18 мај). За литургиски празник на свети Иван Павле II, Црквата го одбра 22 октомври, денот во кој, во 1978 година папата Војтила официјално ја започнува Петровата служба по конклавата која се одржала на 16 октомври. Неговиот понтификат траел 26 години, 5 месеци и 17 дена и е трет најдолг во историјата на Црквата.

Канонизиран е на 27 април 2014 година заедно со Иван XXIII, неговиот празник е впишан во Општиот римски календар, заедно со оној на Ронкали, со декрет од Конгрегацијата за Богослужби и дисциплина на Светите Тајни. «Поради извонредноста на овие Врховни Поглавари на Црквата нудејќи му на свештенството и на верниците единствен модел на доблест и промовирајќи живот во Христос», стои во декретот, «земајќи ги во предвид многубројните барања од целиот свет, Светиот Отец Фрањо, правејќи ги свои едногласните желби на Божјиот народ, одреди литургиските празници на папата свети Иван XXIII и на папата свети Иван Павле II, да бидаат впишани во Општиот римски календар, првиот на 11, а вториот на 22 октомври, со степен на слободно чествување». Поради тоа, следува текстот од декретот, «Црквата денес ги почитува со голема ревност, славни заради нивниот примерен живот, заради извонредноста на доктрината и заради онаа „наука на љубовта“ која произлегува од просветувањето на Светиот Дух преку искуството од Божјите таинства, и откако уживале од плодоносната подршка од нивната пасторална грижа, радосно е сега што ги имаме како свои духовни посредници».

Во литургиските текстови во чест на свети Иван Павле II се употребува токму еден извадок од проповедта на неговата почетна понтификална миса: «Не плашете се! Отворете ги ширум вратите за Христос! На неговата спасителна моќ отворете ги границите на државите, економските системи како и оние политичките, големите области на културата, на развојот. Не плашете се! Христос знае „што има во човекот“. Само тој тоа го знае!» (…)

Од почетокот на неговиот понтификат, папата Иван Павле II направил 146 пастирски посети во Италија и како Римски епископ, посетил 317 од актуелните 332 римски парохии. Апостолските патувања во светот – израз за постојаната пастирска грижа на Петровиот наследник за сите Цркви – биле 104.

Меѓу неговите главни документи се вбројуваат 14 Енциклики, 15 Апостолски поттици, 11 Апостолски конституции и 45 Апостолски писма.

Исто така му се припишуваат 5 книги: „Преминувајќи го прагот на надежта“ (октомври 1994); „Дарот и таинството: во педесеттата годишнина од моето свештенство“ (ноември 1996); „Римски Триптих“, медитации во форма на поезија (март 2003); „Станете, ајде да одиме!“ (мај 2004) и “Меморија и Идентитет“ (февруари 2005).

Папата Иван Павле II предводел 147 беатификации – во кои прогласил 1338 блажени – и 51 канонизации, за вкупно 482 светци.

Ниту еден Папа не се сретнал со толку многу луѓе како Иван Павле II: во средите на Генералните аудиенци (преку 1160) учествувале повеќе од 17 милиони и 600 илјади поклоници, без да ги броиме останатите специјални аудиенции и религиозни манифестации (повеќе од 8 милиони поклоници само во текот на Големиот Јубилеј во 2000 година), како и милиони верници кои ги сретнал за време на пасторалните посети во Италија и во светот; многубројни исто така и со владини лица примени на аудиенција: доволно е да се споменат 38-те официјални посети и другите 738 аудиенции или средби со шефови на држави, како и 246 аудиенции и средби со премиери.

FamigliaCristiana/З.А.

Категорија: Вера, Сведоштва

За авторот