Денес Црквата го празнува свети Григориј Назијански, славен теолог, говорник и бранител на христијанската вера во 4. век. Бил познат по неговата елоквентност, а како поет имал префинета и чувствителна душа.
Григориј е роден во благородничко семејство. Мајка му го посветила на Бога од самото негово раѓање, околу 330 година. По првенственото домашно образование тој ги посетувал најпознатите училишта од овој период: најпрво во Кесарија, Кападокија, каде се спријателил со свети Василиј, идниот владика на овој град, а потоа и по другите метрополи од тогашниот древен свет. Како што се Александрија во Египет и особено Атина, каде што повторно се сретнал со Василиј. Сеќавајќи се на неговото пријателство, Григориј подоцна ќе запише: „Тогаш не само јас сум се чувствувал полн со почит кон мојот голем Василиј заради сериозноста на неговиот начин на живот, на зрелоста и на мудроста на неговите говори, туку на тоа дури сум ги поттикнувал и другите кои уште не го познаваа… Нѐ водеше една иста жед за знаење… Тоа беше нашето натпреварување: не кој би бил прв, туку кој ќе му дозволи на другиот да биде прв. Се чинеше како да имаме само една душа во две тела“. Тоа се зборови кои го опишуваат автопортретот на оваа благородна душа. Но, може да се замисли дека овој човек, кој силно се одразил од земските вредности, морал и да трпи заради работите од овој свет.
Откако се вратил дома, Григориј примил свето крштение и развил склоност кон монашкиот живот, кон осаменоста, но го привлекувале исто така филозофската и духовната медитација. Тој самиот ќе напише: „Ништо не ми се чини поголемо од тоа: да ги замолчиш сетилата, да излезеш од телото на овој свет, да се собереш во самиот себе, да не се грижиш повеќе за човечките работи освен за оние кои се неопходно потребни, да разговараш со самиот себе и со Бога, да живееш живот кој ги надминува видливите работи, во душата секогаш да носиш чиста божествена слика неизмешена со земските и видливите форми, да бидеш навистина без мани одраз на Бога и на божествените нешта и сѐ повеќе да наликуваш на овој одраз, земајќи светлина од Светлината…, во сегашната надеж, да уживаме во идните добра и да разговараме со ангелите, уште сега да ја напуштиме земјата, иако стоејќи на земјата, со духот пренесени во висините“.
Како што пишува во својата автобиографија, примил свештеничко ракополагање со одредено негодување, бидејќи знаел дека потоа морал да биде пастир, да се грижи за другите, за туѓите работи, па нема да можел повеќе да биде прибран во чиста медитација. Сепак, го прифатил овој повик и примил пастирска служба во потполна послушност, прифаќајќи, како што честопати се случува во животот, Провидението да го однесе онаму каде што не сакал да отиде. Во 371 година, неговиот пријател Василиј, владика Кесариски, против волјата на самиот Григориј го посветил за владика во Сасим, стратешко важно место за Кападокија. Заради различните потешкотии Григориј никогаш не ја превземал епископската должност во тоа место, туку останал во Назијанз.
(…) Во Цариград Григориј изрекол пет теолошки беседи, заради одбрана и објаснување на Троичната вера против аријанците. Заради тие беседи Григориј бил наречен „Богослов“. И тоа заради што теологијата за него не е само човечко размислување, а уште помалку плод на само сложени шпекулации. Теологијата за него произлегува од животот на молитвата и светоста, со незапирливиот дијалог со Бога. Токму на овој начин во нашиот разум се покажува Божјата реалност, Светотроичната тајна.
Додека учествувал на Вториот екуменски собор во 381 година, Григориј бил избран за Константинополски епископ и го превземал и водел Соборот. Но наскоро против него се побуниле противниците, и неговата позиција станала неодржлива. За таквата осетлива душа овие непријателства биле неподносливи. Се повторило она што Григориј порано се жалел со зборовите кои му излегувале од срцето: „Го поделивме Христа, ние кои толку многу го љубевме Бога и Христа! Се лажевме едни со други заради Вистината, ја негувавме омразата заради Љубовта, се одвоивме едни од други!“ Во таквата напната атмосфера дошло и до неговото повлекување од Епископскиот престол. Во преполната катедрала Григориј достоинствено го изрекол својот впечатлив проштален говор: „Збогум, голем граде, од Христа љубен… Синови мои, ве молам, чувајте го депозитот (на верата) кој ви е доверен, сеќавајте се на моите страдања. Нека милоста на Господ Исус Христос биде со сите вас“.
Се вратил во Назијанз и околу две години се посветил на пастирската грижа за христијанската заедница. Потоа конечно се повлекол во осаменост во близина на неговиот роден крај, посветувајќи се на науката и на аскетскиот живот. Во овој период ги составил поголемиот дел од неговиот поетски дела, особено неговиот автобиографски дел: За својот живот (De vita sua), реинтерпретација во стихови за сопствениот човечки и духовен пат, патување на христијанин кој страда, човек на длабока внатрешност во свет полн со конфликти.
Тој е човек кој ни овозможува да го почувствуваме Божјото првенство и на тој начин ни зборува и на нас, на овој наш свет: без Бог човекот ја губи својата големина, без Бог не постои вистинското човештво. Затоа да го слушнеме овој глас и да се обидеме ние самите да го запознаеме ликот Божји. Во 390 година Бог во своето крило го примил овој верен слуга кој со својот остар ум во своите дела го бранел и кој со голема љубов пеел за Него во својата поезија.
Ботно.нет/З.А.
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк