Денешниот великомаченик Димитриј Солунски, не плашејќи се од прогонувачите, со својата маченичка смрт посведочил за верата во Христос. Овој Христов маченик се родил во Солун, неговиот татко бил војвода солунски и кога умрел Димитриј бил поставен на неговото место. Царот Максимијан му наредил жестоко да ги гони христијаните во Солун и да ги истреби. Но Димитриј не само што не ги гонел, туку тој и го проповедал Христос. На тоа царот се огорчил, се сретнал лично со Димитриј, кој пак јавно пред царот признал дека е христијанин. Затоа бил фрлен во затвор, а по неколку дена бил избоден со копја во затворот.
Во понатамошниот текст пренесуваме кратко објаснување за христијанското мачеништво.
Секогаш вреди да се живее и да се умре за Христос, а мачеништвото е клучниот настан преку кој христијанинот сведочи за верата во Христос.
Кој сведочи за вистината, бранејќи ја со зборови или со дела, со право може да се нарече „сведок“ (mártys). Но според обичајот, браќата погодени кои се бореле за вистината сѐ до смртта, така што пролевајќи ја сопствената крв оставиле сведоштво за „таинството на побожноста“ (1Тим 3,16) се нарекуваат маченици. (…)
Реалноста за мачениците е што јавно посведочиле за верата во Бог и Исус Христос, сведоштво кое завршува со насилна смрт. (…)
Според Бруно Маџони „маченикот не ја избира смртта, туку го избира начинот на живеење, оној на Исус“. Тоа е она што го прави различен христијанскиот маченик, неговата радикална специфичност. Во оваа светло може да го препознаеме, во најголем дел, сведоштвото кое го дале верниците за Исус Христос. (…)
Каде што споменот на Христос станува автентичен и ефективен, таму христијанинот треба да знае дека можно е да ја пие чашата на насилната смрт, како што Исус им беше рекол на Јаков и Иван (сп. Марко 10,38). Мачеништвото не е еден проект за кој може да се договара, ниту пак проект за сопствено осветување, туку тоа е чист дар од Бога во Исус Христос. Секогаш вреди да се живее и да се умре за Исус, а мачеништвото е возвишен чин преку кој христијанинот го положува својот живот за Христос, тоа е клучен настан преку кој христијанинот сведочи дека тој му припаѓа само на својот Господ, дека љубовта Негова и љубовта за Него вреди повеќе од животот. Да, како што напишал свети Игнатиј Антиохиски на својот пат кон мачеништвото: „Тогаш ќе бидам навистина Господов ученик, кога светот нема повеќе да го види моето тело, бидејќи во мачеништвото ќе почнам да бидам ученик“.
Исто така и денешниот великомаченик Димитриј, не плашејќи се од прогонувачите, со својата маченичка смрт посведочил за верата во Христос.
Енцо Бијанки