Денес Црквата го слави свети Георги, светец кому световното не ми значело многу.
Како што Исус, денеска во светото Евангелие, им зборуваше на своите ученици, тоа им се случуваше после извесно време директно на тие ученици. Едните ги затвараа, другите ги убиваа, и кога царот видел дека тоа му се допаѓа на народот, тогаш ќе ги приведе сите тие кои се нарекуваат христијани, ќе ги донесе во затвор и одвреме на време ќе ги изложува. Како што се правело со робовите продавајќи ги на други сопственици, и така робот станува сопственост на друг сопственик, така правеле и со христијаните.
Оној непрестан циклус на истите работи кои се вртат по светот, поодамна начинот бил таков, а денес на малку пософистициран начин, преку другите мрежи каде луѓето не можат толку бргу да се досетат дека начинот е ист на продавање робови.
Но ние како христијани би се прашале само едно: „Зошто Црквата ја гледаат како непријател на едно општество“, кога би можеле само да ја искористат силата, знаењето и потенцијалот на Црквата во изградба на целокупното општество. Во светот командува мамонот, ѓаволот; а во Црквата командува Бог; и затоа светот не може да ја прифати Црквата како институција која ќе допринесе во полагањето на едукација, на раст, на воспитување добри граѓани на едно општество. Прашање е до кога ќе биде тоа така. Тоа ќе биде до крајот на светот.
Тоа ни е кажано уште од почетокот дека во светот ќе има борба секогаш меѓу доброто и злото. Но како и да е. Ние ќе мора да продолжиме да живееме. Исус Христос јасно кажа: „Ако мене ме гонеа, и вас ќе ве гонат. Ако моите зборови ги запазеа, и вашите ќе ги запазат.“ Но тоа не се однесува генерално за сите, бидејќи најверојатно има луѓе кои сакаат да ја слушаат Божјата мудрост и да ја исполнуваат. Но има и такви кои помалку ќе слушаат и помалку ќе ја исполнуваат, но едни со други ќе се надополнуваат како на вага, и таа вага ќе мора еден ден да се балансира каде што доброто ќе биде повеќе, а лошото помалку.
И денешниот светец кој се борел против злото, кој се борел против гревот покажува дека овој живот кој што ние го живееме навистина вреди многу малку во однос на животот, во однос на идеалот за кој го дал својот живот. На нас христијаните идеалот е Исус Христос. Бидејќи кога ние сме со Исус Христос, кога ние сме со Црквата, кога ние сме со Бога не може никој да биде против нас. И крај на крај, што ако некој го убие нашето тело? Душата да не ни ја убие, душата нека ни биде здрава за да може да се весели во Царството божјо.
о. С. Р.