Во поздравите по молитвата Царице небесна, во недела 12 мај 2024 година папата Фрањо упати уште еден апел да се оствари, исто така со помош на Ватикан, ослободување на затворениците од двете страни во конфликтот меѓу Киев и Москва. Тој повторно охрабри на молитва за мир во Украина, Палестина, Израел и Мјанмар
Папата поттикна на молитва за мир во Украина, Палестина, Израел и Мјанмар и пред се апелира за размена на затвореници меѓу Москва и Киев, исто така со помош на Светиот Престол. Во поздравите по молитвата Царица небесна папата Фрањо повторно ги спомена сите оние кои страдаат поради конфликти, осврнувајќи се на насилството кое крвари во делови од Европа.
Додека го славиме Вознесението на Воскреснатиот Господ, кој нè ослободува и сака да бидеме слободни, го обновувам мојот апел за општа размена на сите затвореници меѓу Русија и Украина, гарантирајќи ја подготвеноста на Светиот Престол да ги поддржи сите напори во тој поглед, посебно за оние кои се тешко повредени и болни.
Размена на затвореници
Русија и Украина досега, од почетокот на војната, извршиле повеќе од 50 размени на затвореници. Станува збор за неколку илјади затвореници кои беа ослободени од двете страни. Последната позната размена беше направена на 8 февруари. Украинскиот претседател Зеленски во таа прилика ја наведе бројката од 3.135 ослободени Украинци.
Апелите на Папата
Во својата велигденска порака и благослов Urbi et Orbi – Градот и светот на 31 март, папата Фрањо апелираше да се отвори патот кон мирот за луѓето кои се жртви на сите конфликти, почнувајќи од Израел, Палестина и Украина. И во таа прилика Папата изрази надеж за општа размена на сите затвореници меѓу Русија и Украина. За време на Генералната аудиенција на 17 април, повторно зборуваше за воените заробеници, повикувајќи го Господ да поттикне волја сите да бидат ослободени. Потоа јасно се осврна на мачењето на затворениците, нагласувајќи дека тоа е нешто многу грдо и нечовечко.
Мисијата на кардинал Зупи
Важен дел од мировната мисија во Украина, која Папата му ја довери на кардиналот Матео Зупи, надбискуп на Болоња и претседател на Италијанската бискупска конференција, се однесува токму на размената на затвореници и враќањето на украинските деца од Русија.
Ватикан њуз/к.мк