Постојаниот набљудувач на Светиот Престол при Организацијата на американските држави ја потврди близината на Светиот Престол со сите домородни народи, особено со домородните жени, во изјава дадена по повод одбележувањето на Меѓународниот ден на домородните народи и Осмата интер-американска недела на домородните народи.
Зборувајќи на специјалната седница на Постојаниот совет на Организацијата на американските држави (ОАС) во средата, монсињор Хуан Антонио Круз Серано ја потврди близината на Светиот Престол со сите домородни народи, а особено со домородните жени, „со цел да се промовираат и заштитат нивните суштински права“.
Постојаниот набљудувач на Светиот Престол при ОАС забележа дека темата на специјалната седница – „Преку гласот на домородните жени: видливост, лидерство, права и економска автономија“ – дава насоки за дебатата за придонесот и важната улога на жените во општеството.
Светиот Престол, рече монсињор Круз Серано, се залага домородните жени да се сметаат за „активни протагонисти во градењето“ на заедничката иднина, а не за „пасивни корисници“ на политики наметнати однадвор. Тој објасни дека таквото застапување треба да се гледа во контекст на промоцијата на домородните култури од страна на Светиот Престол, преку „соодветни духовни патувања и внимание кон обичаите и јазиците на народите“.
Постојаниот набљудувач продолжи истакнувајќи дека Црквата, преку своите различни институции и делувањето што го презема, „продолжува да се грижи за домородните народи во многу делови од хемисферата, вложувајќи во нивното образование и здравство и подигнувајќи ја свеста во општеството, за членовите на овие заедници да бидат протагонисти и водачи на сопствената историја“. Посебно ја нагласи „интензивната“ работа на бискупските конференции, бискупиите, парохиите и мисиите, како и на Панамазонската црковна мрежа (REPAM).
На крајот, монсињор Круз Серано ја изрази благодарноста на Светиот Престол за работата на ОАС и пристапот кон домородните народи и ранливите заедници, особено жените и девојчињата, кои живеат во регионот; како и обновената поддршка „за иницијативите што имаат за цел да го засилат нивниот глас, да ги заштитат нивните права и да обезбедат нивно целосно учество во животот на општеството“.
Ватикан њуз/к.мк