Во сабота 8 ноември 2025 година, на празникот Свети великомаченик Димитриј, патронат на парохијата во Сарај, Н.В.П. монсињор д-р Киро Стојанов служеше света архиерејска Литургија, на која сослужуваа свештеници од Струмичко-скопска епархија и Скопска бискупија. На светат Литургија присуствуваа верници од Сарај и околните парохии.
Во својата проповед епископот Стојанов го спомна Јубилејното ходочестие во Рим, кое го предводеше од 22 до 28 октомври и накратко потсети на молитвите кои беа упатени на гробовите на првоапостолите Петар и Павле и молебенот на гробот на свети Кирил Солунски, како и аудиенцијата и светата Литургија со Папата. При тоа тој потсети на поврзаноста на Црквата во Рим со Црквата во Македонија, затоа што и Кирил и Димитриј потекнуваат од Солун, светци кои го ширеа христијанството и сведочеа за Христа во Македонија, но и цела Европа.
Потоа зборувајќи за Јубилејната година истакна дека во време на неизвесности, стравови и поделби, Црквата, предводена од Папата Лав XIV, ги повикува верниците повторно да ја откријат силата на христијанската надеж дека Бог и денес дејствува, води и го обновува својот народ на земјата и додаде дека и ние овде во Македонија, во Струмичко-Скопската епархија и Скопската бискупија, сакаме да го живееме овој јубилеј на надежта како повик на духовна обнова и помирување и да биде знак на благодарност за тоа што Господ направи низ вековите на верата во овој регион. Тој рече дека неговата молитва денес е Бог да нé зајакне во посветеноста и постојаноста.
Зборувајќи за животот, примерот и мачеништвото на свети Димитриј, нагласи дека најдобриот тест за тоа дали живееме во духот на Евангелието е односот на светот кон нас. Ако светот не забележува ништо различно во нашиот живот, тогаш или светот станал целосно Божји или ние сме се претопиле со духот на светот.
На крајот епископот Стојанов повика да бидеме нестрашливи борци, како нашите светци кои потекнуваат од овие краишта и со кои се гордееме. Денес го славиме свети Димитриј Солунски и при тоа како и свети Димитриј и ние да бидеме евангелизатори и слики за Христа.
На крајот од свеченоста парохот отец Ванчо Назов се заблагодари на сите оние кои приодонесоа со молитва и организација за прославата на патрониот празник на црквата во Сарај, а потоа следуваше агапе и дружење во парохиската сала.
к.мк

