Во четврток 5 декември 2024 година во с. Сарај, општина Босилово, со свечена света архиерејска Литургија се одбележа Денот на Македонски Каритас.
На прославата претходеше редовен годишен состанок на управниот одбор на Македонски Каритас со кој претседаваше претседателот на Македонски Каритас Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов, а во присуство на директорот на Македонски Каритас протојереј ставрофор отец Зоран И. Стојанов и останатите членови.
Централен настан на прославата беше Светата Архиерејска Литургија во парохиската црква „Свети великомаченик Димитриј“ – Сарај, која ја служеше Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и Струмичко-скопски епарх и претседател на Македонски Каритас во заедништво со отец д-р Зоран И. Стојанов, директор на Македонски Каритас и свештеници од Струмичко-скопската епархија и Скопската бискупија. На Светата Литургија присуствуваа чесни сестри, волонтери и персоналот на Македонски Каритас.
Во пригодната проповед епископот Стојанов го истакна централното место кое го зазема љубовта како темел при каритативното делување на поединецот во заедницата. Упатувајќи честитки за Денот на Каритас, епископот Стојанов упати Божји благослов на секоја дејност спроведена со љубов и себедарување од страна на вработените и волонтерите на Македонски Каритас.
Веднаш по Светата литургија, прославата продолжи со свечена академија во просториите на Едукативниот центар – Сарај. На академијата свое поздравно обраќање имаше директорот на Македонски Каритас отец д-р Зоран И. Стојанов, директор на Македонски Каритас, кој во неговото обраќање ја истакна огромната благодарност најпрво до Претседателот на Македонски Каритас, Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов за неговата поддршка, како и до сите присутни свештеници, претставници на Парохиските Каритаси, чесните сестрите, вработените и волонтерите на Македонски Каритас за нивното каритативно делување во изминатата година.
Александар Митановски во соработка со тимовите на Македонски Каритас ја презентираше работата на Македонски Каритас по одделни проекти. Во презентација беа претставени активностите кои се дел од единаесетте проекти кои во овој момент ги спроведува Македонски Каритас.
Одбележувањето на Денот на Каритас заврши со молитва за волонтерите, во рамки на молитвената накана на епископот Стојанов за месец декември 2024 година, во знак на благодарност за нивното ангажирање, и заеднички коктел во просториите на Едукативниот центар – Сарај.
к.мк