Прославен празникот на Евхаристијата во Католичката црква „Свети Петар и Павле“ во Гевгелија

Прославен празникот на Евхаристијата во Католичката црква „Свети Петар и Павле“ во Гевгелија

Во Католичката црква „Свети Петар и Павле“ во Гевгелија, на 14 јуни 2026 година, свечено беше прославен празникот Пресвета Евхаристија, Тело Христово.

По традиција, верниците и оваа година со молитва, црковни песни и евхаристиско обожавање Му искажаа слава и благодарност на Исус Христос, присутен во Светата Причест под вид на леб и вино.

Во текот на денот верниците имаа можност во тишина да се молат и да се поклонат пред Господ. Од 17 до 18 часот на олтарот беше изложена Светата Евхаристија, пред која парохот о. Ристо Самарџиски, сестрите Евхаристинки и верниците Го славеа Исус присутен во Евхаристијата и Му принесоа благодарност и молитви за Црквата, татковината, целиот Божји народ и покојните.

По евхаристиското обожавање следеше света Литургија, а по Литургијата се одржа свечена процесија со Светата Евхаристија. Во процесијата учествуваа верниците, а децата фрлаа цвеќиња како знак на почит и љубов кон Исус присутен во Евхаристијата.

Празникот Тело Христово има особено значење и за сестрите Евхаристинки, за кои ова е патронен празник. Сестрите Евхаристинки во Гевгелија делуваат од 1901 година, верно служејќи Му на Евхаристискиот Исус, а преку Него, на целиот Божји народ.

По завршувањето на литургиското славење, присутните продолжија со заедничко дружење.

к.мк

За авторот