Прославен патрониот празник Свети Климент во Стојаково

Прославен патрониот празник Свети Климент во Стојаково

На празникот Свети Климент Охридски, 8 декември 2021 година, епископот Стојанов служеше света архиерејска Литругија во истоимената црква во Стојаково во заедништво со свештеници од Струмичко – скопската епархија. Покрај верниците од Стојаково на светата Литургија присуствуваа верници од околните парохии, Гевгелија и Богданци, а литургиското пеење го предводеа сестрите Евхаристинки од Гевгелија.

На почетокот од својата проповед епископот Стојанов најпрво се заблагодари на можноста со света Литургија заедно да го прослави патрониот празник на црквата во Стојаково, упатувајќи ги своите честитки до верниците. Зборувајќи за празникот, тој најпрво се осврна на свети Климент I, Римски папа, буден и неустрашив пастир на Црквата.

Во продолжение епископот Стојанов истакна дека моштите на римскиот папа свети Климент биле пренесени во Рим од страна на светите браќа Кирил и Методиј и е погребан во црквата која тогаш ја нарекле, а и денес се вика Климентова црква. Денешниот светец ни дава прекрасен пример на истрајност и постојаност во верата. Како што тој издржа во верата до својата смрт со сите прогонства и маки, така и ние да останеме цврсти во нашата вера, никој да не нè одврати од неа – рече бискупот Стојанов.

Осврнувајќи се потоа на животот и делото на свети Климент Охридски, епископот Стојанов својата проповед ја заврши со повик за единство на Црквата: Овие двајца великани живееjа во време кога Црквата беше неподелна. Да ги упатиме нашите молитви преку нив до Господ Бог повторно да заживее единството и слогата меѓу народите и Црквата и нека Господ Бог на сите ни дарува духовна сила како што ги обдари свети Климент папа римски и свети Климент Охридски.

На крајот од свеченоста отец Тома Ангелов, парох во Богданци и Стојаково се заблагодари на епископот Стојанов за неговата пастирска грижа, на присутните верници, како и на оние кои го организираа агапето во дворот на црквата.

к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот