На 27 август, во пресрет на празникот „Успение на Пресвета Богородица“, со света Архиерејска Литургија, предводена од Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов, Апостолски егзарх и Скопски бискуп, во сослужение на свештеници од Апостолскиот Егзархат, беше прославен централниот настан на патрониот празник во Нова Маала.
Чествувањето на „Пресвета Богородица“ започна со процесија околу Црквата со статуата на Пресвета Богородица, по која следуваше Светата архиерејска Литургија, централен настан на прославувањето на патрониот празник на месната црква и на месното население.
Во пригодната проповед, Н.В.П. монс. д-р Киро Стојнов, честитајќи им го празникот на сите верници, им порача секогаш да бидат послушни на Бога и на Божјото Слово, како Марија од Витанија и Марија од Назарет, и секогаш да го примаат Исуса во своето срце и својата душа (…) Каде што е Исус таму е Марија, а каде што се Исус и Марија таму не може да господари нешто друго освен љубовта и добрината. Со овие зборови, Неговото Високопреосвештенство посака во секое семејство да господари Божјото Слово и во секое семејство да живее Исус и Марија, да живее Божјата слога меѓу сите верници.
На крајот од Светата Литургија парохот о. Спасо Ристов му се заблагодари на Неговото Високопреосвештенство за негововиот духовен наговор и блискост до верниците збогатувајќи им ја славата на патрониот празник. Се заблагодари за присуството на браќата свештеници од Апостолскиот Егзархат како и на сите верници што овозможија достоинствено и свечено да биде прославен овој голем ден.
к.мк/З.А