На 24 јуни 2019 година на празникот Раѓање на Свети Иван Крстител, Скопскиот бискуп и Струмичко – скопски епарх монс. д-р Киро Стојанов ја посети заедницата во Куманово и служеше света Литургија за патрониот празник.
Во проповедта бискупот Стојанов истакна: Над секој нов живот, над секоја лулка трепери прашањето: што ќе биде од тоа дете? Како ќе се оствари како човек и како ќе заврши? Каква трага ќе остави во историјата? Тоа е тајна што никој не може да ја предвиди. Колку надеж и очекување се создава само кај родителите додека го гледаат своето дете. Тука сите можности се отворени бидејќи човечкиот живот се одвива во тајната на слободата. Затоа имаме светци и криминалци, тие кои потполно се даваат за другите и тие кои само за себе грабаат. Има херои и кукавици, благородни и лоши, и така секогаш ќе биде.
Над малиот Иван беше јавно поставено тоа прашање. Присутните беа изненадени од неговото име, а и сѐ друго што се случувало пред и околу самото раѓање. Почувствувале дека овде е посебно присутна „Божјата рака“. Убава е оваа сцена: Божјата рака која бдее над човекот. Колку не исполнува со радост свеста за родителската рака над нас, а овде е далеку повеќе! „Нека твојата рака животот мој го краси“, се пее во една песна. Да, Господи, нека твојата рака бдее над нас, бдее над оваа заедница под покровителството на Светиот Иван Крстител.
к.мк