Блажени се оние што го слушаат словото Божјо и го чуваат (Лк 11,28)
Драги браќа и сестри, пред нас во оваа литургија е возвишениот лик на Мајка Божја на небо вознесена и крунисана за Царица на небото и земјата. Колку и да е Марија во многу песни и книги опеана, опишана и прославена, сепак никогаш до крај не ќе можеме да го исцрпиме тоа длабоко таинство на Мариината служба како Мајка Божја и Мајка на сите нас луѓето.
Човечката историја започнува со создавањето на првиот човек, кого Библијата го нарекува Адам, а неговата жена Ева, што во преводот значи: Мајка на сите живи. Да не заборавиме дека низ историјата матријархатот, односно предноста на жените е далеку подолго историско време отколку патријархалноста во која доминирале мажите. И денешната цивилизација која сака да биде изедначена не може никогаш да го засени мајчинството како извор на животот. Според нашето верување, а доказ за тоа носиме и ние, човекот во себе е во Божјата замисла создаден како вечно суштество, односно имаме свој почеток ама не и крај. Според тој Божји план не знаеме дали постојала смрт, бидејќи Библијата вели дека Бог не ја создаде смртта. Било како било, факт е дека смртта во денешната форма настанала како последица на гревот, односно прекинување на пријателството со Бога. На сите нас пред очите ни се наоѓа описот на тој грев како своевремено и најголема драма за човекот. Суштината на гревот се состои во непослушнсота со желба да се биде како Бог. Заводникот, ѓаволот, не наведува на грев тврдејќи: ќе бидете како богови. Не мамеше многу, бидејќи човекот навистина е создаден во границите на човечкото битие да биде како Бог. Но, не на местото на Бога. Во односите каде господари почитување и љубов настанува пријателство за кое исто така убаво пишува во Светото Писмо како Бог и Адам пријателуваат меѓу себе. Тоа пријателство се прекинува со непослушноста, односно предавството. И денес таа последица на гревот не прати, бидејќи имаме искуство како смртта ни е наметната како нешто што никој не сака, но исто така и никој не може да ја избегне. Така нашата човечка историја е трајно прикажана, а така се случува и развојот од раѓањето до смртта, но изгледа како сѐ да води во смрт. Затоа човекот на земјата се чувствува прогонет, патник и неповикан овде на некој начин да биде дома. Во народот постои изрека која вели: Сите ние ќе поминеме. На тоа не потсетуваат нашите гробишта за што сигурно знаеме дека еден ден во нив ќе бидеме положени.
Историјата на спасението од ветувањето во рајот земски сѐ до крајот на Светото Писмо се прикажува како Господ Бог полека го ослободува човекот од гревот на смртта и од пропаста. Бог се објавува како пријател кој постојано на човекот му говори дека смртта не е крај. Односот на верата кон Бога е во тоа да му веруваме. Повторно потсетувам дека да веруваме не значи да се согласуваме со паметта на некоја верска вистина, туку значи да се има доверба во Бога. Денес во Евангелието го среќаваме Исус во куќата на Марта и Марија и двете се радосни што Исус е во нивната куќа. Можеме да си замислиме како Марија седи до нозете Исусови и гледа во очите на Исус кој го користи времето да ги поучи своите ученици. Марија, до нозете Исусови сета е занесена од Исусовата наука, бидејќи секој збор теши и дава сила за живот. Таа е занесена и не размислува за вистинитоста на тие зборови, туку ги прифаќа затоа што тоа го говори Исус на кој му верува и кого го љуби. Не забележува дека времето тече и дека поминале часови и часови, а да воопшто не мрднала од тоа место. Во тоа слушање и занес кон Исусовата наука ја буди нејзината сестра Марта која се жали на Исус за таа своја помлада сестра на која како да не и е грижа за работата дома и за задачата на гостопримноста во што Марта сета се истрошила трудејќи се да ги угости Исуса и учениците негови.
Прекрасно е да се чуе како Исус не ја одбива гостољубивоста на Марта, но укажува на нешто што е многу важно, дури и поважно во животот, а тоа е растот во верата. Затоа Марија при таа средба го избрала подобриот дел. Во овој случај нам ни е понуден модел како во својот живот треба да ги усогласиме своите должности со нашето звање и нашата вера. Често тоа се нарекува конфликт на вера и дела. А всушност е единствено решение склад помеѓу нашите дела и нашата вера. Нашите дела секогаш и насекаде треба да бидат проникнати – обземени со вера. Но ако немаме волја и сила секој ден да се обновуваме во таа вера тогаш нема шанси нашите дела да бидат проникнати со вера.
Драги браќа и сестри, ако сакаме да кажеме кој е најголемиот проблем во христијанството тогаш сигурно тоа е фактот дека немаме време за растот во верата, т.е. во молитвата и читањето на Светото Писмо, текстот што следи во Евангелието ни зборува за средбата на Исус со мноштвото: една жена од народот воодушевена од Исусовата наука, а можеби и од чудата извикува: „Блажена е утробата што Те носила, и градите од кои си се хранел!“ (Лк 11,27). Всушност таа жена искажала пофалба до Исусовата мајка Марија. Меѓутоа, Исус, не рекол дека тоа не е блажено, туку го користи мигот да прогласи едно поголемо блаженство како секој од нас би можел да биде и на некој начин и поголем од Мајка Божја. Ќе ја повториме реченицата: „Блажени се оние што го слушаат словото Божјо и го чуваат“. Тоа е кажано и нам сега. Има уште еден дел во Светото Писмо каде Исус прогласува слушање и исполнување на Божјото слово како своеврсно мајчинство. Кај Исус во посета доаѓа мајка му Марија и роднините. Но, затоа што околу Исус имало гужва пристигнала до него порака: „Ете, мајка Ти и браќата Твои стојат надвор и сакаат да зборуваат со Тебе“ (Мт 12,47). Следи многу јасен одговор, која е неговата мајка и кои се неговите браќа и тогаш го заокружил погледот кон слушателите и рекол: Еве, овие се моја мајка и мои браќа што го слушат словото и го исполнуваат.
Драги мбраќа и сестри, Исус ниту во еден од овие текстови не ја понизи или не го намали значењето и големината на својата Мајка. Само го искористи мигот да ни порача како и ние можеме да бидеме во улога на неговата мајка и во себе го носиме неговото слово, односно Него и исполнувајќи го тоа слово и него го раѓаме во животот за нас и другите луѓе со кои живееме.
Факт дека празнуваме конечна прослава на нејзиното Успение, вознесение на небо, е доказ дека Марија била изземена од источниот грев и дека нејзиниот живот од зачнување сѐ до гробот може да се собере само во една единствена реченица: нека ми биде според зборовите Твои. Што значи, Марија како нова Ева, ниту еднаш не попуштила на искушенијата, туку целиот свој живот била верна слушателка и исполнителка на Божјото слово. Таа сигурност на која се потпира на Божјото слово не ја поколебува ни во навестувањето, ниту во сиромашното раѓање во Витлеем, не ја напушта ниту на Голгота ниту на денот на Вознесението… Таа е Жена со силна вера, и покрај силните рани останува исправена пред својот Бог во сѐ на неговата волја. Како ниту во едно искушение не попуштила така не можела да ја снајде ниту една последица од гревот. Не смееме да претераме, ниту таа не била ослободена од искушенијата, но останала целосно верна дека Бог во секое свое слово е надеж и сигурност. Затоа од самиот почеток на христијанството Црквата верувала дека телото на Марија не било зафатено од расипноста на гробот. Денес нашиот поглед е полн со восхит и целосна надеж загледан во Марија нашата најмоќна Мајка.
Драги браќа и сестри, денес на овој голем празник „Успение на Пресвета Богородица“ на кого е посветена оваа наша Катедрала и под чија што заштита се наоѓа оваа наша парохиска заедница и целата наша новосоздадена Епархија, што неодамна Светиот отец папа Фрањо Апостолскиот Егзархат го воздигна во Епархија „Успение на Пресвета Богородица во Струмица – Скопје или струмичко –скопска епархија, молиме Пресвета Дева Марија да нѐ научи да веруваме во Божјото слово и тогаш кога тоа Слово сече како остар меч или смирува како тивок ветрец. Во верноста на Божјото слово нека ни измоли сила да пронајдеме време својата работа да ја усогласиме со молитвата и на тој начин да го наследиме Исусовото ветување: „Блажени се оние што го слушат словото и го пазат“. Амин.
к.мк