Канцеларијата за печат на Светиот Престол ја објави официјалната програма на 36. Апостолско патување на папата Фрањо. Светиот Отец од 2 до 3 април 2022 година во Малта ќе се сретне со локалното население, цивилните власти, а ќе ја посети и пештерата на Свети Павле и истоимената базилика, која е подигната во спомен на бродоломот на апостолот во Малта.
Патувањето на папата Фрањо ќе го одбележат бројни официјални средби, но и моменти на молитва и средби со бегалци.
Поаѓајќи од меѓународниот аеродром Фиумичино во Рим во 8.30 часот, пристигнувањето на Папата во Малта е предвидено во 10.00 часот, каде што е предвиден и свечен пречек. Оттаму ќе се упати кон Палатата на Големиот мајстор во Валета, во посета на претседателот Џорџ Вилијам Вела, а во 11.35 ќе следи средба со премиерот Роберт Абел. Предвидена е и средба со властите и дипломатскиот кор. По тој повод Папата ќе го одржи својот прв говор.
Во попладневните часови, во 15.50 часот, Папата со катамаран ќе се упати кон Гозо, вториот по големина остров на малтешкиот архипелаг. Пристигнувањето е предвидува во 17.00 часот, а половина час подоцна ќе се одржи молитва во националното светилиште Та Пину, каде што Папата ќе има проповед. Светиот Отец во 19.30 часот ќе замине во Апостолска нунцијатура, каде што ќе биде сместен за време на посетата.
Следниот ден прва точка на дневниот ред е приватна средба со членовите на Исусовците во 7.45 часот во нунцијатурата во Рабат. Во 8.30 часот Папата ќе ја посети пештерата Свети Павле до истоимената базилика. Тоа е симболично место во спомен на бродоломот на Апостолот, кој се случил околу 60. година. Таму е предвиден момент на молитва на Светиот Отец, кој во 10.15 часот ќе служи света Литургија во Флоријана, а потоа ќе моли Ангел Господов.
Попладнето Папата ќе го посвети на мигрантите. Во 16.45 часот во Центарот за мигранти „Иван XXIII. Peace Lab“ во Хал Фаро ќе се сретне со група бегалци и ќе одржи говор. Ова ќе биде последната станица од патувањето, по што Папата ќе се упати кон меѓународниот аеродром во Малта, каде во 17.50 часот ќе се одржи проштална церемонија. Полетувањето за Рим е закажано во 18.15 часот, а слетувањето во Фиумичино во 19.40 часот.
Ватикан њуз/к.мк