Средби и молитви се дел од бројните настани предвидени на програмата за следното патување на папата Фрањо кое ќе се одржи од 2 до 6 декември.
Пет дена, девет говори, две проповеди и еден пладневен наговор – се некои од бројките кои го обележуваат апостолското патување на папата Фрањо кое ќе биде од 2 до 6 декември. Првата дестинација е Кипар, а потоа Грција. Според програмата која ја објави Канцеларијата за печат на Светиот Престол, папата Фрањо во четврток на 2 декември во 11.00 часот ќе полета од римскиот аеродром Фиумичино и после отприлика четири часа лет ќе стигне на меѓународниот аеродром Ларкана во Никозија.
Предвидено е првиот говор да го одржи тој ден веќе во 16.00 часот на средбата со свештениците, монасите, ѓаконите, катехистите и со кипарските црковни здруженија и движења во маронитската катедрала Нашата Пресвета Богородица од Милостите. Потоа ќе замине во Претседателската палата каде ќе се одржи свеченост за добредојде, а веднаш потоа ќе се сретне со претставници на властите, граѓанското општество и дипломатскиот кор, на кои ќе им се обрати со втор говор.
Во петок на 3 декември, денот ќе започне со куртуазна посета на Неговото блаженство Хрисостом II кипарски православен архиеископ, а во 9.00 часот Папата во православната катедрала во Никозија ќе се сретне со членовите на Светиот синод и ќе им се обрати со говор. Првата проповед ќе ја одржи на светата Литургија во 10.00 часот на „GSP стадионот“. Попладне со почеток во 16.00 часот ќе учествува на екуменската молитва со мигрантите во парохискаста црква Светиот Крст во Никозија. Се предвидува дека тогаш ќе одржи говор.
Посетата на Кипар ќе заврши во саботата на 4 декември наутро. Во 9.00 часот ќе тргне од меѓународниот аеродром во Ларнака кон Атина, каде би требало да стигне околу 11.10 часот. Тогаш на аеродромот ќе биде одржана церемонија за пречек, а потоа од 12.00 часот, свеченост за добредојде во Претседателската палата. По куртуазната посета на претседателот на републиката ќе биде одржана средба со премиерот, а потоа и со претставници со властите, граѓанското општество и со дипломатскиот кор.
Попладне во Атина започнувајќи од 16.00 часот ќе биде исполнето со верски средби. Најпрво куртуазна посета во Православната архиепископија на Грција и Атина, на Неговото блаженство Јероним II православен архиепископ на Атина и на цела Грција, а потоа средба со членовите на нивните придружби на кои ќе одржи говор. Папата после тоа во катедралата Свети Дионизиј во Атина ќе се сретне со епископите, свештениците, монасите, семинаристите и катехистите и ќе им се обрати со говор. Последниот настан на програмата за тој ден е приватната средба со членовите на Дружбата Исусовци во апостолската нунцијатура.
Во недела на 5 декември, Папата наутро со авионот од Атина ќе отпатува во Митилини на Лезбос каде во Прифатниот и идентификациски центар ќе се сретне со бегалци сместени во тој центар и ќе одржи говор. После тоа ќе се врати во Атина каде попладне на Евхаристиското славење во концертната сала Мегарон ќе одржи проповед. По враќањето нунцијатурата ќе го прими во куртуазна посета Неговото блаженство Јероним II.
Последниот ден во Грција понеделник 6 декември ќе го обележат два настани кои ќе се одржат пред церемнијата за испраќање. Најпрво во нунцијатурата ќе го прими претседателот на парламентот, а после тоа ќе отиде во Училиштето Свети Дионизиј на сестрите Урсулинки во Маруси. Таму ќе се сретне со млади на кои ќе им се обрати со последниот говор предвиден за тоа патување. За 11.15 часот предвидено е заминување на атинскиот меѓународен аеродром каде ќе се одржи проштална церемонија и полетување кон Рим. Пристигнувањето на римскиот аеродром Чијампино се очекува во 12.35 часот.
Ватикан њуз/к.мк