Во сабота 10 јуни 2017 година во парохиските простории на Катедралната парохија „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје се одржа презентација на извидништвото односно скаутизмот. Името на организацијата е Федерација на скаути на Европа, која е присутна во најголем број од европските земји, од Португалија до Русија.
Голем број на деца, родители и млади аниматори имаа можност да се запознаат со ова движење за деца и млади кое постои повеќе од сто години. На средбата беа претставени историјата, начелата, статутите на скаутите и структурата.
Во рамките на ова движење децата и младите се воспитуваат да го сакаат Бог, своите блиски, својата татковина и Европа. За младите ќе се отвори еден пат во парохијата да се запознаат себе си, да ги откријат своите можности и да им служат на другите. Сите активности на ова католичко движење се реализираат преку игра и забава во природно опкружување, во движење и заедништво. За да можат младите и децата поконкретно да се запознаат со оваа црковно движење на почетокот од учебната година се планира да се оранизира излет за заинтересираните од парохијата.
РВ/к.мк