„А и тварите со нетрпение го очекуваат прославувањето на синовите Божји“ (Рим 8, 19)
Драги браќа и сестри,
Секоја година, преку Мајката Црква Бог „ни дава радосно да ги чекаме воскресните празници, со покора да ја чистиме душата, поревносно да се молиме и да правиме дела на љубовта, па преку примањето на светите таинства да нè обдари со својот божествен живот“ (Предговор кон Великиот пост I). На тој начин можеме, од Велигден во Велигден, да чекориме кон исполнување на она спасение кое веќе сме го примиле како плод на Христовото пасхално таинство: „бидејќи со надеж се спасивме“ (Рим 8,24). Тоа таинство на спасението кое веќе делува во нас за време на земскиот живот е динамичен процес во кој ги опфаќа како историјата така и целото создание. Како што свети Павле вели: „А и тварите со нетрпение го очекуваат прославувањето на синовите Божји“ (Рим 8,19). Од таа перспектива сакам да понудам неколку размислувања за да нè придружуваат на нашиот пат на преобраќање во Великиот пост кој ни претстои.
- Откупување на создадението
Прославата на Пасхалната Тродневница на маките, смртта и воскресението на Христос, како кулминација на литургиската година, секоја година нè повикува на патот на подготовка свесни дека нашето сообразување со Христос (спор. Рим 8,29) е непроценлив дар на Божјото милосрдие.
Ако човекот живее како Божји син, ако живее како откупен човек, кој дозволува Светиот Дух да го води (спор Рим 8, 14) и знае да го спознае и спроведува на дело Божјиот закон, започнувајќи од законот запишан во своето срце и природа, тогаш тој прави добро за целото создание, соработувајќи во неговото откупување. Затоа свети Павле вели дека созданието со нетрпение копнее за објавување на Божјите синови; со други зборови сите оние кои ја уживаат благодатта на Исусовото пасхално таинство ги живеат плодовите кој целосно ќе созреат во откупувањето на самото човечко тело.
Кога Христовата љубов ќе ги преобрази животите на светиите – духот, телото и душата – тие му даваат слава на Бог и со својата молитва, контемплација и творештво ги вклучуваат и другите созданија во таа благодарност, како што тоа на прекрасен начин го покажува „Песната на братот Сонце“ од свети Фрањо Асишки (спор. Енцикликата „Лаудато Си, 87). Сепак во овој свет, хармонијата создадена со откупувањето постојано е загрозена од негативната моќ на гревот и смртта.
- Разорна моќ на гревот
Имено кога не живееме како Божји чеда често се однесуваме деструктивно кон нашите ближни и другите созданија – па и кон себе самите – бидејќи започнуваме повеќе или помалку свесно да сметаме дека можеме со нив да правиме како што нам ни е по волја. Тогаш во нас преовладува неумереноста: започнуваме да живееме живот во кој се нарушуваат границите кои нашата човечка состојба и самата природа бараат да ги почитуваме и така ние ги следиме оние незауздани желби кои во Книгата Мудрост Соломонова им се препишуваат на безбожниците, односно на оние кои во своите делувања не мислат на Бог и немаат надеж во иднината. (спор. 2, 1-11) Ако трајно не сме свртени кон Велигден, кон хоризонтот на воскресението како цел, јасно е дека на крајот започнува да се наметнува логиката изразена во слоганите: сакам сè и тоа веднаш и колку да имам тоа не ми е доволно.
Коренот на секое зло, како што знаеме е гревот кој од првиот момент кога се појавува меѓу луѓето го прекинува нашето заедништво со Бог, со другите и со созданието, со кое на одреден начин сме поврзани со своето тело. Прекинувањето на заедништвото со Бог исто така ја поткопува нашата хармонична врска со околината каде сме повикани да живееме, така градината се претвора во пустина (спор. 1Мој 3, 17-18). Гревот го води човекот дотаму што започнува да се смета за бог на сите созданија, да се гледа себе си како нивен апсолутен господар и да не ги користи за онаа цел за која сакал Создателот, туку за сопствените интереси, на штета на созданијата и на другите луѓе.
Кога ќе се напушти Божјиот закон, законот на љубовта тогаш ќе завладее законот на посилниот. Гревот кој престојува во човечкото срце (спор. Мар. 7, 20-23) се манифестира со алчност и незауздана потрага по удобност, негрижа за доброто на другите, а често и за сопственото добро, води до искористување на создадениот свет, луѓето и околината поради таа незаситена алчност која секоја желба ја гледа како право и која порано или подоцна ги уништува оние во кои завладеала.
- Исцелтелната моќта на покајанието и простувањето
Затоа на созданието итно му е потребна објавата на Божјите чеда, оние кои станале „ново создание“: „И така, кој е во Христа, тој е ново создание; старото помина; ете, сè стана ново.“ (2Кор 5, 17) Навистина, благодарение на нивното објавување и самото создание може да ја „прославува Пасхата“: „И видов ново небо и нова земја“ (спор. Откр 21, 1). Одењето кон Велигден бара да го обновиме своето христијанско лице и срце преку покајанието, преобраќањето и простувањето за да можеме во полнота да го доживееме богатството на благодатите на пасхалното таинство.
Toj „нестрплив копнеж“, тоа очекување на целото создание ќе се исполни со објавувањето на синовите Божји односно кога христијаните и сите луѓе решително ќе се препуштат на „породилните болки“ кои со себе носат преобраќање. Сите созданија се повикани заедно со нас да се ослободат од „ропството на распаѓањето при славното ослободување на синовите Божји.“ (Рим 8, 21). Великиот пост е светотаински знак на тоа преобраќање. Ги повикува христијаните подлабоко и поконкретно да го овоплотуваат пасхалното таинство во својот личен, семеен и општествен живот и тоа пред сè преку постот, молитвата и милостињата.
Да постиме односно да се научиме да го менуваме нашиот став кон другите и кон созданијата: одвраќајќи се од искушението да „проголтаме“ сè за да ја задоволиме нашата незаситеност и да бидеме подготвени да страдаме за љубовта која може да ја исполни празнината на нашите срца. Молитвата нè учи да се откажеме од идолопоклонството и самозадоволството на нашето его и да признаеме дека имаме потреба од Господ и од неговата милост. Со давањето милостиња го избегнуваме безумното трупање на сè што ќе ни дојде при рака со илузорно уверување дека можеме да си обезбедеме иднина која не ни припаѓа. И така повторно да ја откриеме радоста на Божјиот план за созданието и за секој од нас, а тој е да Го љубиме Него, нашите браќа и сестри и целиот свет и во таа љубов да ја пронајдеме нашата вистинска среќа.
Драги браќа и сестри „Великиот пост“ на Божјиот Син беше едно влегувањето во пустината на созданието, за да ја претвори во онаа градина на заедништво со Бог, која постоеше пред источниот грев (спор. Мк 1,12-13, Ис 51,3). Нека нашиот пост оваа година биде патување по тој ист пат, донесувајќи ја Христовата надеж исто така на созданието, за да се „ослободат од ропството на распаѓањето при славното ослободување на синовите Божји“ (Рим 8,21). Да не дозволиме тоа милосно време да мине залудно! Да го молиме Господ да ни помогне да тргнеме по патот на вистинското преобраќање. Да ја отфрлиме својата себичност и преокупираноста со самите себе и да се свртиме кон Исусовиот Велигден. Да бидеме близу до нашите браќа и сестри во потреба, делејќи ги со нив нашите духовни и материјални добра. На тој начин, со конкретно прифаќање на Христовата победа над гревот и смртта во својот живот, ќе ја зрачиме неговата моќ на преобразување на целото создание.
Од Ватикан на 4 октомври 2018
празник свети Фрањо Асишки