Пораката на Папата по повод сто годишнината од Конгрегацијата за Источни Цркви

Пораката на Папата по повод сто годишнината од Конгрегацијата за Источни Цркви

Пред светата Литургија во базиликата Света Марија Велика, по повод 100 годишнина на Конгрегацијата за Источни Цркви и Папскиот институт за Исток, папата Фрањо се сретна со поглаварите на таа дикастерија, и на нејзиниот префект кардинал Леонардо Сандри му го предаде текстот со својата порака.

Сегашноста е – вели Светиот Отец во пораката – погодена од трагедии кои не можат да се занемарат.

Со падот на тоталитарните режими и разните диктатури, кои во некои земји за жал овозможија ширење на меѓународниот тероризам, христијаните од Источните Цркви ја доживуваа драмата на прогонот и иселувањето кое сѐ повеќе загрижува. Пред таквите ситуации никој не може да ги затвори очите – пишува Папата. Како дел од „Црквата во излегување“ Папскиот институт за Исток е повикан да слуша во молитвата – истакна Папата и доаде: Во времето во кое живееме институтот повторно, токму како пред сто години, е во центарот на пророчкиот крстопат.

Размислувањето за сегашната состојба, Папата го придружи со погледот на историјата. Така ги спомна датумите и настаните поврзани со 100 годишнина од делувањето на Папскиот институт за Исток, основан на 15 октомври 1917 година. Истата година со работа започна и Конгрегацијата за Источни Цркви која папата Бенедикт XV ја основа со Моту прорио „Dei Providentis.“

Иако среде бурната светска војна – истакна папата Фрањо – Папата знаел да посвети на Источните Цркви посебно внимание. Пио XI во 1922 година го доверил тој инстиут на Дружбата Исусова, а во 1928 година, со енцикликата „Rerum Orientalium“, епископите се повикани да испратат студенти во Источниот институт. Други важни новости – стои понатаму во пораката – биле основање на Папскиот руски завод (Pontificio Collegio Russicum), во 1929 година и Факултет за источно канонско право во 1971 година.

Почетокот на историјата на Папскиот институт бил обележан со одреден судир помеѓу студиите и пасторалот – вели папата Фрањо и истакна: Но, важно е да се воочи дека таа спротивност не постои. Затоа Папата ги поттикнува професорите на прво место во своите обврски да го стават научното истражување, по примерот на претходникот, кои се истакнувале со скапоцен придонес.

Осврнувајќи се потоа на посланието на Папскиот институт за Истокот, папата Фрањо вели дека, благодарение на истражувањето, проучувањето и сведочењето, неговата задача е да помогне во гарантирањето и зацврстувањето на верата, посебно во однос на страшните предизвици. Папскиот институт за Исток – според зборовите на Папата – е повикан да биде и место наклонето на формацијата на мажите и жените, семинаристите, свештениците и лаиците, за да бидат способни да ја објаснат надежта која ги вдахнува и поддржува.

Откако ги поттикна професорите секогаш да бидат отворени за сите Источни Цркви, Светиот Отец рече дека тој Папски институт има екуменско послание, и тоа во грижата за братскиот однос и темелното проучување на прашањата кои, како што изгледа, сè уште предизвикуваат поделби. Задачата на институтот е да се запознае западниот свет со богатството на традицијата на Источните Цркви – стои во пораката.

На крајот Папата изрази надеж дека Папскиот институт за Исток ќе продолжи да го извршува своето послание со обновен занес, проучувајќи и ширејќи ја со љубов и интелектуално сознание, научна сериозност и пасторалната перспектива, традицијата на Источните Цркви во нивната литургиска, теолошка, уметничка и канонска разноликост, одговрајаќи сѐ подобро на очекувањата на денешниот свет, за да се оствари иднина на помирување и мир.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот