Поглаварот на Украинската источна католичка црква го именува отец Кирил Ангелов за митрофорен протојереј
Поглаварот на Украинската источна католичка црква, Неговото Блаженство Свјатослав, го именува отец Кирил Ангелов, парох на парохијата „Свети Архангел Михаил“ во Јонкерс, САД, за митрофорен протојереј, со право да носи митра.
Одлуката е донесена како признание за неговото долгогодишно и ревносно свештеничко служење, работата во различни црковни служби, придонесот во меѓуцрковниот дијалог и помошта за луѓето погодени од војната во Украина.
Во декретот, Неговото Блаженство Свјатослав му се заблагодарува на отец Кирил за долгогодишната плодна свештеничка служба, која ја посочува како пример за неговите собраќа свештеници. Посебно е истакнато неговото служење во парохијата „Свети Архангел Михаил“, каде преку повеќе заедници се развиваат духовниот живот, катехезата, младинскиот и социјалниот апостолат.
Поглаварот на УГКЦ се осврна и на ангажманот на отец Кирил во различни црковни служби, како и на неговото делување меѓу римокатолици, православни и членови на еврејските заедници, каде, како што се наведува во декретот, достојно ја претставува Украинската грчкокатоличка црква.
Посебна благодарност му беше изразена за постојаната помош што ја обезбедува за погодените од војната во Украина, особено за децата без родители и за семејствата на украинските војници.
Пред да ја донесе одлуката, Неговото Блаженство Свјатослав го зел предвид мислењето на епископот Павло Хомницки, епарх на Стамфорд, како и долгогодишната пастирска служба на отец Кирил, неговиот авторитет меѓу верниците и сведоштвото што го дава како оженет свештеник.
На крајот, поглаварот на УГКЦ му посака Господ да го дарува со сила и духовна ревност и понатаму да живее во светост и љубов кон Бога и верно да ја продолжи својата свештеничка служба.
Отец Кирил Ангелов е роден во Радово, син е на покојниот отец Георги Ангелов. Отец Кирил e ракоположен во 1990 година, а својата свештеничка служба ја извршува во Соединетите Американски Држави, каде речиси една деценија бил парох во украинската католичка парохија „Свети Јосафат“ во Рочестер, Њујорк.
Од 2011 година е парох на црквата „Свети Архангел Михаил“ во Јонкерс, а извршувал и одговорни служби во Стамфордската епархија, меѓу кои и должноста канцелар. Во своето долгогодишно пастирско делување е активен во меѓуцрковниот и меѓурелигискиот.
УГКЦ/к.мк

