Папата Лав XIV ги повика монасите никогаш да не престанат да им даваат утеха на оние што се прогонувани заради својата вера, изразувајќи благодарност до Редот на Малите Фратри Конвентуалци и Редот на Пресвета Троица – Троиственици, по повод нивните Генерални собранија.
„Никогаш не ги заборавајте оние што страдаат поради својата вера, и никогаш не се откажувајте од настојувањата да им донесете утеха.“
Со овие зборови, Папата Лав XIV упати апел до монашките заедници при неговата средба со членовите на Редот на Малите Фратри Конвентуалци и Редот на Пресвета Троица – Троиственици, по повод одржувањето на нивните Генерални собранија. Средбата се одржа во петок 20 јуни 2025 година во Ватикан.
Светиот Отец ја истакна нивната посветеност во мисиите, како и нивната верност кон Евангелието и близината со оние што страдаат поради недостигот од верска слобода, особено во делови од светот каде што слободата на совеста и верата е потисната.
Во своето обраќање, Папата ги охрабри монасите да ја продолжат својата служба „во Христово име“, потсетувајќи ги дека Христос зборува преку оние што им се доверени.
„Слушајте го Христовиот глас: во гласот на вашиот брат, во заедничкото расудување на заедницата, во вниманието кон знаците на времето, и во повиците на црковното научителство, рече Светиот Отец.
Бидете жив потсетник на потребата да го фалиме Бога
Обраќајќи им се како „возљубени синови на свети Фрањо Асишки“, папата Лав ги охрабри присутните, повикувајќи ги „секој поединечно и во секое ваше братство да бидете жив потсетник за пофалбата кон Бога во христијанскиот живот“. Осврнувајќи се на годишнината од обновеното присуство на Конветуалците на Далечниот Исток, Светиот Отец изрази благодарност и признание.
Папата, со посебна восхитеност, потсети на една сцена прикажана во апсидата на базиликата „Свети Иван Латерански“, каде е прикажана средба на папата Инокентиј III, кој заедно ги пречекува свети Фрањо и свети Иван од Мата, укажувајќи им почит за нивниот значаен придонес во обновата на посветениот живот во Црквата.
На таа сцена, свети Фрањо е прикажан како клекнува со голема отворена книга во рацете, „како да му вели на Папата: Ваша Светост, Ве молам, само живејте според правилото на Светото Евангелие – без додавки и објаснувања“, додека свети Иван од Мата стои со правилото кое го составил заедно со Папата.
Овде, забележува папата Лав, свети Фрањо ја изразува својата послушност кон Црквата, не претставувајќи го своето видение како личен проект, туку како дар од Бога. Свети Иван од Мата, пак, го покажува одобрениот текст – плод на молитвено размислување, проучување и расудување – како исполнување на божественото вдахновение.
Двата става не се спротивставени, туку се осветлуваат еден со друг. „Овие два става, далеку од тоа дека се во судир“, истакна папата Лав, „се просветлуваат еден со друг и претставуваат водечко начело за службата што Светиот Престол ја врши оттогаш, во поддршка на сите харизми.“
Во овие двајца светци, рече Светиот Отец, Бог не само што вдахновил „духовен пат на служење“, туку и „желба за соработка со наследникот на Петар, во однос на дарот примeн од Светиот Дух, за да биде ставен во служба на целата Црква.“
„Свети Фрањо“, рече Папата, „му ја претставува на Папата потребата да се следи Христос без задршка, без скриени намери, без двосмисленост или манипулација“, додека Свети Иван од Мата ја искажа истата вистина „со зборови што подоцна ќе станат суштински“ и „кои Свети Фрањо ќе ги присвои“, вклучувајќи го и повикот да се живее „без ништо свое“, без ништо „скриено во џебот или во срцето“ – како знак на целосна отвореност пред Бога.
Оние што ја немаат слободата на верата
Папата потсети дека членовите на монашката заедница Троиственици одлучиле да го насочат своето внимание кон оние кои не можат слободно да ја живеат својата вера, потсетувајќи дека во изминатите месеци се молеле токму за оваа накана. Во таа смисла ги наведува зборовите на Светиот апостол Павле: „Нè гонат, но не сме изоставени; нè кутнуваат, но ние не загинуваме.“ (2 Коринтјаните 4,9), стихови што, како што изјави, ја вдахновиле темата на нивното собрание.
„Се придружувам на таа молитва и, исто така, ја молам Пресветата Троица еден од плодовите на вашето собрание да биде ова: никогаш да не престанете, ни во вашите молитви ни во вашите секојдневни напори, да се сеќавате на оние што се прогонувани поради својата вера.“
Делот кој се однесува на прогонетите, според учењето на свети Августин, како што нагласи Папата, му припаѓа на самиот Бог и го изразува повикот на Оној што го ослободува својот народ (сп. „Прашања за Петокнижието“, книга II, 15).
„Покрај тоа,“ додаде Светиот Отец, „вашата посветеност кон членови на Црквата кои најмногу страдаат ќе го привлече вниманието за звања, на верниците и на луѓето со добра волја кон оваа реалност. Таа ќе ве одржи отворени и расположливи за служби кои ги извршувате на Арапскиот Полуостров, Блискиот Исток, Африка и Индискиот потконтинент.“
„Христос треба да нè води“
Папата му се заблагодари на редот на Малите Фрањевци Конвентуљалци за нивната верност во сведочењето за „Божјите работи“.
„Не треба да нè води нашиот личен интерес,“ рече Папата, „туку интересот на Христос. Најнапред мора да го слушаме Неговиот Дух, за да можеме да ја запишеме иднината уште сега, во сегашноста.“
Тој ги повика: „Слушајте го Христовиот Дух во гласот на вашиот брат, во проникливоста на заедницата, внимавајќи на знаците на времето и црковното научителство.“
На крајот на средбата, пред да го подели својот апостолски благослов, Папата потсети на Пофалбите на Севишниот Бог, химна што ја составил свети Фрањо, со зборовите: „Свет си, Господи, единствен Бог, кој твориш чуда. Силен си, голем си, Севишен си, семоќен Цар, Свет Оче, Цару на небото и на земјата.“
Ватикан њуз/к.мк