Папата служеше света Литургија во базиликата „Свети Петар“ по повод Јубилејот на Светиот Престол и потсети дека најдобриот начин да се служи на Црквата е да се биде свет, секој според својата животна состојба и посланието кое му е доверено. Во својата проповед се осврна на мајчинството на Марија кое се раѓа под крстот, на плодноста на Црквата и светоста на оние кои се дел од неа.
Папата Лав XIV, во понеделник 9 јуни 2025 година ја започна прославата на Јубилејот на Светиот Престол со поминување низ Светата Врата, носејќи го крстот кои поклониците го носат секој ден од почетокот на Светата Година. Во оваа пригода, во својата проповед на светата Литургија која потоа ја предводеше во базиликата „Свети Петар“, потсети на литургискиот споменден Марија, Мајка на Црквата, опишувајќи го ова празнувањето веднаш по прославата на Педесетница како извор на светлина и внатрешно вдахновение на Светиот Дух. Јубилејот на Светиот Престол, односно на сите нејзини членови кои секојдневно ја споделуваат својата работа и служење на Папата и Црквата, е придружуван со присуството на Мајка Марија, на која Исус ѝ го довери од крстот апостолот Иван, со што се нагласува нејзиното плодоносно мајчинство.
Мајчинството на Марија доби незамислива димензија преку тајната на крстот: мајката на Исус стана нова Ева затоа што Синот ја поврза со својата откупителна смрт, изворот на нов и вечен живот за секој човек што доаѓа на овој свет.
Зрното што се раѓа од крстот
„Плодноста на Црквата е иста како и плодноста на Марија“, рече Папата, додавајќи дека таа се остварува во животот на оние кои се дел од Црквата и кои живеат „во мало“ она што го живеела мајката на Исус, односно љубовта според Исусовата љубов. Светиот Отец потсети на зборовите на теологот Ханс Урс фон Балтазар, кој зборува за Црквата како за дрво кое расте од крстот благодарение на малото синапово зрно, кое пак дава семиња кои го повторуваат истиот облик на крстот затоа што на него му го должат својот живот.
Целата плодност на Црквата и на Светиот Престол зависат од Крстот Христов. Сé друго е само илузија, ако не и нешто полошо.
Свето и плодно според довереното послание
Мајчинството на Марија и Црквата се изрази на плодност кои се неразделно поврзани со светоста, односно со тоа да се биде во согласност со Христос – рече Папата, нагласувајќи дека Светиот Престол е свет, како што е и самата Црква во нејзиното првобитно зачнување. Тој е свет и затоа што живее од светоста на своите членови, а најдобриот начин да се служи на Светиот Престол – како што нагласи Петровиот наследник – е да се стремиме да бидеме свети, секој според својата животна состојба и посланието кое му е доверено.
Свештеникот кој лично го носи тешкиот крст за својата служба, а сепак оди во канцеларија секој ден и се обидува да ја извршува својата работа најдобро што може со љубов и вера, тој свештеник учествува и придонесува за плодноста на Црквата. Слично на тоа, татко или мајка на семејство кое има тешка ситуација дома, дете кое предизвикува загриженост или болен родител, и ја извршува својата работа со посветеност, тој маж или жена е плоден со плодноста на Марија и Црквата.
Единство во Марија
Потоа Папата се осврна на Марија и нејзиното мајчинство кон Црквата која се раѓа во Горната соба, „прототипот на мајчинството“ кој е актуелен во секое време и место, плод на пасхалната тајна и дар на распнатиот и воскреснат Господ. „Плодноста на Црквата е секогаш поврзана со благодатта која доаѓа од прободеното Срце Исусово заедно со крвта и водата, симболи на Светите Тајни“, објасни Светиот Отец.
Марија, благодарение на мајчинското послание примено во подножјето на крстот, е во служба на заедницата што се раѓа во Горната соба: таа е живо сеќавање на Исус и како таква ги усогласува разликите и ја прави молитвата на учениците еднодушна.
Петровата служба и маријанската харизма
Марија е таа што го поддржува Петар во неговата служба, бидејќи тој е првиот апостол што ја води Црквата, заклучи Папата.
Исто така, Мајката Црква ја поддржува службата на Петровите наследници со маријанската харизма. Светиот Престол ги живее овие две димензии, маријанска и петровска, на многу посебен начин. Марија е таа што, со своето мајчинство, кое е дар од Христос и Духот, ја обезбедува плодноста и светоста на Петар.
Конечно, Светиот Отец ги поттикна присутните да го слават Бога за Неговото Слово, кој како светилка ги осветлува нивните чекори, како и нивниот секојдневен живот во служба на Светиот Престол, и се помоли како Црква да бидат сè поплодни, посвети и поспособни да го соберат во своите прегратки целото човечко семејство.
Ватикан њуз/к.мк