Папа Лав XIV: Општото добро на народот е на прво место во мировните преговори

Папа Лав XIV: Општото добро на народот е на прво место во мировните преговори

Откако се помоли на Ангел Господов на 17 август 2025 година, на Пјаца дела Либерта во Кастел Гандолфо, Папата повика на молитва за успех на напорите за завршување на војните и за промовирање на мирот. Тој ги спомена жртвите од поплавите во Пакистан, Индија и Непал, и им се заблагодари на здруженијата кои промовираат културни и евангелизациски иницијативи во туристичките дестинации, како што е Младинската мисија во Ричоне.

Во срцето на папата Лав XIV, општото добро на сите народи е на прво место. Тој го истакна ова во своето обраќање по пладневната молитва Ангел Господов на 17 август, одржана пред влезот во папската палата во Кастел Гандолфо, на Пјаца дела Либерта. Се осврна на преговорите насочени за постигнување прекин на огнот и мир меѓу Украина и Русија, по средбата меѓу американскиот претседател Трамп и рускиот претседател Путин, како и во Појасот Газа, меѓу Израел и Палестинците од Хамас.

„Се молиме напорите за ставање крај на војните и за промовирање на мирот да бидат успешни; општото добро на народот секогаш да биде од најголема важност во преговорите.“

Додека Папата зборуваше, новинските агенции објавија дека на средбата меѓу Доналд Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски во Вашингтон на 18 август, која беше најавена вчера, ќе присуствуваат и францускиот претседател Емануел Макрон, финскиот претседател Александар Стаб, германскиот канцелар Фридрих Мерц, италијанската премиерка Џорџа Мелони и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен. Се очекува да се приклучат и други европски лидери.

Молитва за жртвите од поплавите во Азија

Папата Лав XIV денес ги спомена сите погодени од разорното дејство на природата, изразено во последните денови со големите поплави во Азија, кои однесоа стотици животи.

„Близок сум со народите на Пакистан, Индија и Непал кои беа погодени од силни поплави. Се молам за жртвите и нивните семејства, како и за сите кои страдаат поради оваа природна катастрофа.“

Посветеност на културна анимација и евангелизација

Осврнувајќи се на летото, кое, според него, е време за разни иницијативи за културна анимација и евангелизација, честопати организирани во места за одмор, тој нагласи дека е прекрасно да се види како ентузијазмот за Евангелието ја поттикнува креативноста и посветеноста на групи и здруженија од сите возрасти. Тој посебно ја спомена младинската мисија што се одржа во Ричоне, Италија, во последните денови, и им се заблагодари на организаторите и на сите кои на различни начини учествуваа во овие настани.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот