Обраќајќи им се на членовите на одборот на организацијата „From Crisis to Care: Catholic Action for Children“, Папата повика на размислување дали глобалното залагање за одржлив развој е ставено настрана. Тој потсети и на желбите на најмалите, изразени во писмо по повод самитот за нивните права, што папата фрањо го свика во Ватикан минатата година: „Треба да го исчистиме светот од грдите работи и да го обоиме со пријателство и почитување“.
Папа Лав XIV во четврток, 5 февруари 026 година, ги прими на аудиенција членовите на Одборот на организацијата „From Crisis to Care: Catholic Action for Children“ во Апостолската палата во Ватикан. Светиот Отец го започна својот говор на англиски јазик, нагласувајќи дека обврските што се во центарот на делувањето на организацијата се изданоци од семето посеано во истото време минатата година, кога папата Фрањо на 3 февруари го отвори самитот за правата на децата во Ватикан. Папа Лав XIV затоа рече:
„Бидете сигурни во моите молитви додека настојувате да ја спознаете Господовата волја и да ги читате знаците на времето во врска со влијанието на светските кризи врз најмалите Божји созданија.“
Ускратена грижа и задушени можности
Голема е трагедијата што децата и младите, оние за кои Исус сакаше да доаѓаат кај Него, премногу често се лишени од грижа и од пристап до основните добра. Освен тоа, тие често немаат многу можности да го остварат својот потенцијал што им го дал самиот Бог, напомена Римскиот епископ.
Преиспитување за иднината на залагањето за одржлив развој
Петровиот наследник изрази длабока загриженост и поради тоа што состојбата на децата не се подобрила во изминатата година. Напротив, недостигал напредок во нивната заштита. Затоа додаде:
„Се наметнува прашањето дали глобалното залагање за одржлив развој е ставено настрана, кога гледаме дека во нашето глобално човечко семејство толку многу деца сè уште живеат во крајна сиромаштија, трпат злоупотреби и се присилно раселени, а да не зборуваме дека немаат соодветно образование и дека се изолирани или одвоени од своите семејства.“
Правата на најмалите
Токму тој последен аспект, истакна Светиот Отец, потсетува на силното залагање на папата Фрањо во Апостолскиот поттик Amoris Laetitia за правото на најмалите на љубов од една мајка и еден татко, бидејќи и двајцата се потребни за целосно и складно созревање. На тоа и самиот папа Лав XIV ги поттикна членовите на Дипломатскиот кор акредитиран при Светиот Престол, кои ги прими на аудиенција во јануари оваа година, кога повторно потврди дека животот е дар што треба да го негуваме, а семејството е негов одговорен чувар. Тогаш тој исто така напомена дека е жално што јавни средства се доделуваат за сузбивање на животот, наместо да се вложуваат во поддршка на мајките и семејствата.
Охрабрување за продолжување на залагањето за доброто
Римскиот епископ затоа се осврна на две главни теми. Првата се однесува на фактот дека собирот се одржува во име на оние што немаат глас, па истакна дека тоа е благородна задача од која, сепак, произлегува одговорност да не се обесхрабриме пред неуспешни иницијативи, привиден недостиг на интерес од трети страни или чувство дека општата состојба не се подобрува. „Дозволете доброто за кое знаете дека го правите да ве поттикне да продолжите понатаму“, охрабри Светиот Отец.
Не заборавајте на различните потреби
Втората тема е повикот да се насочи вниманието кон различните потреби на децата, кои често паѓаат во втор план кога вниманието се насочува само кон едно подрачје на потреби. Иако секој делува според сопствените харизми и компетенции, Петровиот наследник поттикна да се најдат начини за заедничка работа во поголема согласност, за децата да примат урамнотежена грижа, способна да ја обедини телесната, психолошката и духовната благосостојба. Во тој контекст, Папата ги истакна Дикастеријата за промовирање на целосен човечки развој, Папската академија за живот, Унијата на врховни поглавари и Меѓународната унија на врховни поглаварки како вредни ориентири за развој на конкретни планови за дејствување во корист на децата.
Да се исчисти светот од лошите работи
Папа Лав XIV го заврши говорот повторно повикувајќи се на папата Фрањо, потсетувајќи на важноста да се слушаат најмалите. Затоа заклучи со зборовите на децата од писмото претставено на минатогодишниот самит:
„Заедно со тебе сакаме да го исчистиме светот од лошите работи, да го обоиме со пријателство и почитување и да ти помогнеме да се изгради убава иднина за сите!“
Ватикан њуз/к.мк

