Папа Лав XIV: Надежта е таинство што ги обединува спротивностите

Папа Лав XIV: Надежта е таинство што ги обединува спротивностите

Во својата катехеза на Јубилејната аудиенција одржана на 25 октомври на плоштадот Свети Петар, Папата Лав XIV објасни дека надежта значи и да му се дозволи на човекот да се води од верата. Потсетувајќи на учењето на Никола Кузано, кардинал и дипломат од XV век, Папата истакна дека овој голем мислител верувал во човештвото и дека длабоко разбрал: „Бог е таинство во која она што е во тензија, наоѓа единство.“

Да се надеваш, рече Папата, значи да не знаеш. Ние не ги поседуваме сите одговори на животните прашања, но го имаме Исус. Него го следиме. Затоа се надеваме во она што сè уште не го гледаме.

Светата година и погледот на надежта

„Светата година нè учи токму на ова,“ им рече Папата Лав XIV на ходочесниците на присутните, меѓи кои имаше и од Македонија: „Како учениците на Исус, и ние сме повикани да научиме да живееме во новиот свет, да гледаме на сè во светлината на воскресението на Распнатиот и да бидеме свесни дека преку таа надеж сме спасени.“

Иако Воскреснатиот веќе го преобразува нашиот поглед и продолжува тоа да го прави и денес – истакна Папата – луѓето не се навикнати да гледаат со очите на надежта. „Сепак,“ рече тој, „мора да гледаме кон утрешниот ден со очите на верата.“

Љубовта, нагласи Папата, веќе победила, иако пред нашите очи сè уште гледаме многу контрасти и судири меѓу спротивностите.

Да се држат спротивностите заедно

Во XV век живеел германскиот кардинал Никола Кузанo, „голем мислител и служител на единството“, кој живеел во време на големи превирања. Од него можеме да научиме дека да се надеваш значи и да признаеш дека не знаеш, рече Папата.

Иако во своите дипломатски мисии не успеал да го постигне единството на Црквата, која тогаш била разединета меѓу Исток и Запад, ниту мирот меѓу народите и религиите, Никола не се откажал. Се молел, размислувал и оставил зад себе дела исполнети со светлина и мудрост.

Во време кога многумина живееле во страв, а други се вооружувале подготвувајќи нови крстоносни војни, Никола – тогаш млад човек – избрал да биде меѓу оние што имаат надеж, меѓу луѓето што ја љубат науката, ја читаат класиката и се враќаат кон изворите. Тој верувал во човештвото. Разбрал дека постојат спротивности кои мора да се држат заедно; дека Бог е таинство во која тензиите наоѓаат единство.

Никола знаел дека не знае — и токму затоа, сè подобро ја разбирал стварноста.

„Образовано незнаење“ и патот на надежта

Папата Лав XIV потсети дека Кузанo нè поучува на едно длабоко духовно и интелектуално држење – да оставиме простор, да ги држиме спротивностите во рамнотежа и да се надеваме на она што сè уште не е видливо. Германскиот кардинал, рече Папата, зборувал за „научено незнаење“, знак на вистинска интелигенција.

Во некои од неговите дела, ликот што ја открива вистината не е учен човек, туку едноставна личност која со своите прашања ја разнишува сигурноста на мудрите. „И денес тоа се случува во Црквата,“ истакна Папата, додавајќи:

„Колку прашања го предизвикуваат нашето знаење! Прашањата на младите, на сиромашните, на жените, на оние кои се замолчени или осудени затоа што се различни од мнозинството. Живееме во благословено време – време на прашања. Црквата станува експерт за човештвото тогаш кога оди заедно со човештвото и ги носи неговите прашања во своето срце.“

Учење од Воскреснатиот

Папата ги охрабри верниците да бидат народ кој умее да ги обедини спротивностите, да стане истражувач во новиот свет на Воскреснатиот, кој нè претекнува во надежта.

„Од Него Црквата и целото човештво учат,“ рече Светиот Отец. „Така, чекор по чекор, напредуваме по патот на надежта.“

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот