Папа Лав XIV: Молете се за децата ширум светот погодени од војни

Папа Лав XIV: Молете се за децата ширум светот погодени од војни

По катехезата на Генералната аудиенција, во среда 10 септмеври 2025 година, Светиот Отец упати две посебни пораки за мир, за време на поздравите на полски и арапски јазик. Првата беше посветена на децата кои страдаат во воените конфликти низ светот, особено во Украина и Газа, а втората на ходочесниците од Светата Земја, опустошена од насилство. Папата повика крикот на болката да се претвори во молитва кон Бога.

„Сеќавајте се во вашите молитви и хуманитарни проекти за децата во Украина, во Газа и во сите други делови од светот кои се погодени од војната,“ порача Папата Лав XIV на 10 септември, на крајот од Генералната аудиенција, при поздравот на полски јазик до ходочесниците собрани на дождливиот плоштад „Свети Петар“.

Во својот говор се осврна и на Националниот ден на полските деца жртви на војната, кој симболично го одбележува нивното страдање, но и нивниот придонес во обновата на Полска по Втората светска војна.

Молитва и помош за најмалите

Светиот Отец упати апел да не се заборават децата во Украина кои страдаат од војната што трае од февруари 2022 година, децата во Газа кои подолго време се жртви на конфликтот со Израел, како и децата во сите други делови од светот погодени од насилство и војни.

„Ве доверувам вас и сите деца кои денес страдаат под заштита на Мајка Марија, Царицата на мирот, и ве благословувам од срце,“ рече Папата.

Болниот крик на Светата Земја

Поздравувајќи ги верниците на арапски јазик, римскиот епископ се обрати до поклониците од Светата Земја, која е разурната од војната започната во октомври 2023 година. Осврнувајќи се на денешната катехеза, во која размислуваше за смртта на Исус на крстот според Евангелието по Марко, Папата нагласи дека Христовата смрт не била тивка, туку принесена на Бога со силен крик.

„И вие, верници од земјата на Исус, претворете го вашиот крик во молитва полна со доверба, особено во време на искушенија и страдања,“ повика Светиот Отец.

Тој потсети дека Бог секогаш ги слуша своите деца и одговара во времето кога тоа е најдобро за нив.

На крајот, Петровиот наследник упати благослов на сите присутни и се помоли на Бога да ги заштити од секое зло.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот