Пред да пристигне во Ирак, Светиот Отец испрати видео порака до луѓето во земјата, нагласувајќи дека со нетрпение ja очекува средбата и ги повика да појдат заедно напред по патот на надежта.
„Неколку дена ќе бидам со вас“ – не криејќи ја радоста папата Фрањо, обраќајќи им на Ирачаните во традиционалната видео порака пред неговото Апостолско патување, кое го започнува со традиционалниот поздрав, со кој се посакува мир „асалам лакум!“. „Навистина сакам да ве запознаам, да ги видам вашите лица, да ја посетам вашата земја, древна и извонредна лулка на цивилизацијата“, рече тој.
Поклоник маченик
„Доаѓам како поклоник, како поклоник покајник, да го молам Господа за прошка и помирување по долгогодишните војни и тероризам, да го молам Бога за утеха на срцата и зараснување на раните. Доаѓам кај вас како поклоник на мирот за да повторам: „Вие сите сте браќа“. Така доаѓам како поклоник на мирот, барајќи братство, поттикнат од желбата да молиме заедно и да чекориме заедно, исто така, со браќата и сестрите од други религиозни традиции под знакот на патријархот Авраам, кој ги обединува Муслиманите, Евреите и Христијани“, рече Светиот Отец.
Ви благодарам за сведочењето
Обраќајќи им се на христијаните кои „сведочат за својата вера во Исус среде тешкотии“, наследникот на Свети Петар рече дека со нетрпение очекува да се сретне со нив, посочувајќи дека средбата со „маченичката Црква“ е чест за него. „Ви благодарам за сведочењето. Нека ни помогнат бројните, многубројните маченици што ги познавате за да останеме издржливи во скромната сила на љубовта“, рече тој, мислејќи на сликите од уништените домови и осквернавените цркви, на „раните во срцето“ поврзани со потребата да се напуштат родните места.
Гледаме во зората
Папата истакна дека сака да посведочи за блискоста на целата Црква со целиот Блиски Исток, охрабрувајќи ги да одат напред без да дозволат да завладеат „страшните страдања“. „Да не се предаваме пред ширењето на злото: древните извори на мудроста на вашата земји нѐ насочуваат кон другиот, нѐ поттикнуваат да направиме како Авраам, кој иако остави сè, никогаш не изгуби надеж; и надевајќи се на Бога, им даде живот на потомците, толку бројно како ѕвездите на небото. Драги браќа и сестри, да погледнеме во зората. Таму е нашиот завет“, истакна Светиот Отец.
Поклоник на надеж и братство
Обраќајќи им се на сите Ирачани кои многу претрпеа во овие години, но не го изгубија срцето, поглаварот на Католичката Црква рече дека доаѓа во нивната „благословена и ранета земја како поклоник на надежта“. И токму таму во Нинивија, како што потсети Папата, се слушна пророштвото на Јона, кое спречи да биде уништен градот и донесе нова надеж – надеж во Бога. „Да се заразиме со оваа надеж, која поттикнува на обнова и придвижување. И во овие тешки времиња на пандемијата, да си помогнеме едни на други во зајакнување на братството, со цел заедно да градиме иднина на мирот“, повика тој, нагласувајќи го зборот „заедно“, обраќајќи им се на „браќата и сестрите од секоја верска традиција “.
„Авраам го започна своето патување од кај вас пред илјадници години. Денес треба да продолжиме да го следиме, со ист дух, да одиме заедно по патиштата на мирот! Затоа, ве повикувам сите на мир и благослов од Севишниот. Но, ве замолувам сите да го направите истото како и Авраам: да се движите напред со надеж и никогаш да не го напуштите размислувањето за ѕвездите“, охрабри Светиот Отец, замолувајќи ги да го придружуваат со неговите молитви.
Ватикан њуз/к.мк