Исус сака во секое срце Божјата љубов да ја победи омразата и злобата.
Благодарение на Исусовата љубов можеме да ги љубиме своите непријатели – рече папата Фрањо пре молитвата Ангел Господов во неделата на 24 февруари 2019 година, а зборуваше за љубовта кон непријателите како централна и препознатлива точка на христијанскиот живот. Исусовите зборови се јасни: „Но вам, што слушате, ви велам: љубете ги непријателите свои; правете им добро на оние што ве мразат; благословувајте ги оние што ве навредуваат!“ (Лука 6, 27-28).
Тоа не е работа на избор, тоа е заповед – рече Папата и нагласи: Не е за сите, туку за учениците кои Исус ги нарекува „вам, што слушате.“ Многу добро знае дека да се љубат непријателите ги надминува нашите можности, но затоа стана човек; не за да не остави такви какви што сме, туку за да нè преобрази во луѓе способни за поголема љубов. Таа е љубовта која Исус ја дава на оние кои го слушаат. А потоа тоа станува возможно! Со Него, благодарение на Неговата љубов и на Неговиот Дух, можеме да ги љубиме и оние кои нас нè не сакаат, па и оние кои ни прават зло.
На тој начин Исус сака во секое срце Божјата љубов да ја победи омразата и злобата – рече Светиот Отец и истакна: Логиката на љубовта која доаѓа до врвот во Христовата жртва, е христијанска ознака и нè води во пресрет на сите со братско срце. Но, како е можно да се надмине човечкиот нагон и световниот закон на одмаздата? Исус дава одговор во истиот евангелски дел: „И така, бидете милостиви како што е милостив вашиот Отец.“ (Лука 6, 36) Кој го слуша Исус, кој настојува да Го следи, па и ако тоа го прави, станува дете Божјо и започнува навистина да лични на Отецот небесен.
Стануваме способни за работи за кои никогаш не сме помислиле дека можеме да ги кажеме или да ги направиме, а кои сега ни даваат радост и мир – рече папата Фрањо и продолжи: Повеќе не треба да бидеме насилни во зборовите и делата; откриваме дека сме способни за нежност и добрина; и чувствуваме дека сето тоа не доаѓа од нас, туку од Него! Затоа не се фалиме, туку само сме благодарни. Нема ништо поголемо и поплодно од љубовта. Таа на човекот му го дава целото негово достоинство, додека омразата и осветата му го намалуваат, изобличувајќи ја убавината на созданието, создадено на образот Божји.
Таа заповед одговара со љубов на навредата и неправдата, создава во светот нова култура: „културата на милосрдието која дава живот на вистинска револуција“ (Апостолско писмо Misericordia et misera, 20) – рече Папата и додаде: Таа е револуцијата на љубовта чии учесници се мачениците од сите времиња. Исус нè уверува дека нашето однесување одбележано со љубовта кон оние кои ни прават зло, нема да биде залудно, Тој вели: „Проштавајте и ќе ви биде простено; давајте и ќе ви се даде: мерка добра, набиена, натресена и преполнета ќе ви дадат в раце; оти со каква мерка мерите, со таква и ќе ви се мери.“ (Лука 6, 37-38)
Мораме да простиме затоа што Бог ни прости и секогаш ни простува – рече Светиот Отец и додаде, ако не простиме сè, не можеме да очекуваме дека ќе ни биде простено. Наместо тоа ако нашите срца се отворат за милосрдието, ако се запечати простувањето со братска прегратка и се стегнат врските на заедништво, пред светот навестуваме дека е можно доброто да го победи злото. Полесно ги паметиме неправдите отколку доброто, но мора да правиме спротивно. Кога некој зборува лошо за другиот, мора да го обратиме разговор. Тоа е револуцијата на милосрдието – заврши папата Фрањо.
Ватикан њуз/к.мк