Во видео порака упатена до „Движењето Иван 17“ чиј членови се собраа на духовна обнова, папата Фрањо ги потсети дека сме деца на ист Отец, независно од потеклото и националноста, повикани да дадеме живот.
Заедно во љубовта ние христијаните можеме да го промениме светот, можеме да се промениме себе затоа што Бог е љубов! – истакна папата Фрањо во видео пораката на шпански јазик која ја упати до „Движењето Иван 17“ во која повикува да се сакаме како деца на ист Отец. Станува збор за екуменско движење кое сака да биде глас кој ги повикува Црквите на помирување и единство, во согласност со Исусовата молитва „да бидат сите едно“, која ја донесува евангелистот Иван во 17 глава. Неговите членови се собраа на духовна обнова во Њујорк, во семинаријата Свети Јосиф чиј ректор е епископот Џејмс Мас. Тема на таа посебна обнова е „Помирување во односот, нов пат за помирување на христијаните“ (Ив 17, 13-17).
За љубовта не е потребно темелно теолошко познавање кое сепак е неопходно – објасни Папата потсетувајќи дека средбата со Исус е животна средба. Сѐ се раѓа од таа средба на љубовта. Се раѓа пријателство, братство и сигурност дека сме деца на ист Отец. Имено, љубовта може да го промени светот, но најрво нѐ менува нас самите – напоменува Папата и истакнува колку го допира изразот од Делата на светите апостоли со кој на првата христијанска заедница ја опишувале оние кои се среќавале со неа: „Гледајте како се сакаат.“
„Движењето Иван 17“ се однесува на љубовта на оние кои на масата, пиејќи капучино, ручејќи или јадејќи сладолед откриваат дека се браќа и тоа не заради бојата на кожата, ниту заради националноста, ниту потеклото, ниту различните облици во кои ја живеат својата вера, туку како деца на ист Отец. И дури и ако нема маса, ако нема капучино, дури и ако нема сладолед, ако нема кафе затоа што владеат сиромаштво и војна, сеедно браќа сме и тоа треба едни на други да си го кажеме. Без размислување за потеклото, за националноста или бојата на кожата деца сме на ист Отец – напомена Папата.
Спомнувајќи потоа дека веќе бил одреден датумот за неговата средба со движењето, но заради пандемијата не било можно да се оствари, папата Фрањо изрази надеж дека ќе се сретнат наскоро пред крајот на годината. Притоа истакна дека сведоштвото кое го поделиле со нив секој пат кога се среќавале во него пробудувало надеж и радост.
Затоа ги поттикна да продолжат да одат заедно делејќи го животот и братската љубов. Како што кажува Јое Тосини пентекостален пастор и еден од основачите на движењето, „љубовта е најважна работа во светот, но и покрај тоа никој не поучува како да се сака“. Љубиш или не, љубовта која стана тело, љубовта која го даде својот живот за нас, тоа е патот. Често ја мешаме љубовта со некој вид на платонска идеалистичка филозофија. Љубовта е конкретна, љубовта дава живот за другите, како што Исус го даде за нас. Можеби затоа што љубовта не се учи таа се живее, а вие тоа нас нѐ учите живеејќи ја – истакна папата Фрањо и на крајот како што често прави ги замоли учесниците на средбата да не заборават да се молат за него затоа што како што рече, оваа работа не е ниту малку лесна.
Ватикан њуз/к.мк