Папата Лав XIV испрати најдобри желби за 50-годишнината од италијанскиот весник „Ла Република“, изразувајќи надеж дека печатот „секогаш ќе промовира комуникација што е слободна и дијалошка, оживеана од потрагата по вистината и без предрасуди“.
Педесет години раскажување на историјата на Италија, светот и Црквата; постојан однос со читателите; слобода на истражување; и дијалог како привилегиран пат за градење мир.
Тоа меѓу темите за кои пишува папата Лав XIV во пораката по повод 50- годишнината од италијанскиот весник „Ла Република“, упатена до неговиот уредник, Марио Орфео.
Привилегирана точка на гледање
Во своето писмо, Папата им упатува добри желби на новинарите кои раскажаа половина век историја, „негувајќи го односот со читателите што ве донесе до тука“.
„Вашиот весник“, напиша Папата, „со корени во многу градови, но кој во Рим, епархијата на Папата, има главно седиште и привилегирана точка за набљудување на настаните во Италија и низ целиот свет. Ги прочитавте страниците од овие педесет години и ја раскажавте историјата на Црквата, со слобода.“
Слобода на печатот
Слободата, раскажувањето приказни и препознатливиот поглед на светот се во срцето на слободата на печатот, рече Папата.
„Дури и покрај разновидноста на мислења, гледишта и култури“, пишува Папата, печатот мора „секогаш да дејствува транспарентно и со интегритет“.
Папата Лав додаде дека печатот мора да понуди „можност за дијалог кој, кога не е непријателски настроен, придонесува за општото добро и за единство на човечкото семејство. На овој начин, дијалогот ги надминува конфликтите и гради мир“.
Завршувајќи ја својата порака, Папата изрази надеж дека весникот „секогаш ќе гради комуникација која е слободна и дијалошка, оживеана од потрагата по вистината и без предрасуди. Среќна педесетгодишнина!“
Изложба во Рим
За прославата на педесетгодишнина, весникот организираше изложба во Мататоио во Рим насловена како „Ла Република: Историја на иднината“.
Мултимедијалната изложба, која ќе трае до 15 март, содржи фотографии и страници од весници од клучни моменти во историјата на весникот.
Ватикан њуз/к.мк

