Папата Фрањо своите мисли и молитви на 10 април 2017 година повторно ги упати за жртвите на вчерашниот атентат на коптската заедница во Египет, примајќи ги во Ватикан поглаварите на фрањевачкиот ред од целиот свет.
Тоа беше уште еден израз на близина за коптската заедница во Египет. Папата повторно се осврна на она што се случи во Танта и во Александрија, но зборуваше и за кризата во Сирија, на средбата со фрањевците кои харизмата на свети Фрањо денес ја проповедаат и на места на кои нема мир.
Папата е многу добро информиран и одлучно го потврди своето патување во Египет – рече во разговор за Радио Ватикан патер Марко Таска, генерален министер на редот на фрањевците конвентуалци, и додаде дека Папата не застанува пред она што за жал се случило, туку многу одлучен и уверен доаѓа во Египет за да го потврди и поддржи дијалогот и заедништвото на христијанскиот живот.
Патер Мајкл Пери, генерален министер на фрањевачкиот ред Мали браќа, кој само што се врати од Сирија, рече дека со Светиот Отец разговарале и за прославата 800 годишнина од посетата на свети Фрањо на Думијат, во Египет, каде се сретнал со султанот Малик ал-Камил. Таа средба била чекор кон дијалогот со муслиманите.
Разговаравме и за Алепо – додаде патер Пери напоменувајќи дека пред два дена се вратил од Сирија, каде во Алепо, Дамск и во Латаки ги посетил фрањевците кои останале таму со христијаните. Сите сакаат да му се заблагодарат на папата Фрањо за вниманието кон нивната состојба, како и за парите кои неодамна ги испрати, а за кои – како што рече патер Пери – веќе постои извештај дека се потрошени за помош на христијаните и муслиманите.
РВ/к.мк